Македонија
Вработени во контролата на летање помагале да се изврши нападот, Синдикатот бара од МВР итно да бидат најдени
МВР веднаш да почне постапка за пронаоѓање на учесниците во упадот на објектот на контролата за летање, како и на лицата што не се вработени во контролата на летање, а биле присутни во безбедносниот периметар на објектот, но и на лицата вработени во М-НАВ, а кои биле соучесници и го потпомогнале целиот настан, кој финализира со физички напад врз контролор на летање.
Ова е една од одлуките и барањата што синоќа на вонреден состанок ги донело членството на Струковиот синдикат на контролорите на летање – ССКЛ, а откога група лица упаднаа во објектот и нападнаа вработени, кои реагираа против партиските вработувања.
На состанокот било заклучено дека поради очигледни безбедносни пропусти во обезбедувањето, како и соучесништво од страна на лица што се вработени во македонската навигација, побарано е од МВР распоредување службени лица.
Станува збор за стратешки државен објект, а контролорите на летање нема да продолжат да работат под оправдан страв дека во секој момент некој од надвор би можел да влезе и да ги загрози нивните животи, а со самото тоа и животите на патниците во авионите, велат од Синдикатот.
Од страна на МВР беа распоредени службени лица за заштита на безбедноста и на објектот и на вработените.
Синдикатот ги повика тројцата извршни директори во М-НАВ АД Скопје веднаш да дадат оставки од функциите, пред сѐ, од морални причини поради ескалација на состојбата до која дојде во контролата на летање по нивна вина.
„Тие покажаа дека не само што не се способни успешно да раководат со македонската навигација туку и дека не се способни да ги заштитат своите вработени и самиот објект од упад на неовластени лица. И по изминати повеќе од 11 часа од нападот врз нашиот колега, ниту еден од нив не најде потребно јавно да го осуди целиот настан, да излезе со официјален став за тоа што се случи во една институција, која треба да го претставува врвот на безбедносниот систем, не се охрабрија ниту да му понудат своја помош на нашиот повреден колега, но ниту да ја гарантираат понатамошната безбедност на вработените, кои, и покрај сѐ, мораа да останат на своите работните места и да продолжат да го контролираат воздушниот сообраќај“, велат од Синдикатот.
Понатаму, се додава дека тие не треба да чекаат да бидат разрешени на следната седница на Владата, како што синоќа беше најавено, бидејќи и до сега причинија доволно штета.
Во спротивно, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор, и тоа почнувајќи од 10 јануари, па сѐ до исполнување на сите нивни барања.
За настанот известени се сите меѓународни воздухопловни институции, како и синдикати и здруженија на контролори на летање од Европа, и очекуваат нивни претставници да пристигнат набргу како дополнителна помош и поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

