Македонија
„Вреди“: Додека Бујар Османи зборува за европски вредности, Артан Груби ги мести тендерите со српско-руското подземје
Сега кога веќе им се доближивме на претседателските и парламентарните избори, и кампањата започна, сакаме да ја информираме пошироката јавност дека корупциските скандали на ДУИ преку Лотаријата на грбот на граѓаните, не запираат, велат од коалицијата „Вреди“.
„Додека Бујар Османи зема храброст и зборува за миграцијата на младите луѓе, Артан Груби преку Перпарим Бајрами и Лотаријата на Северна Македонија отвори тендер за 2000 нови апарати за казина и 2000 столчиња за апаратите за казина, каде според цените на претходните набавки оваа сума ќе достигне вредност од 20 милиони евра пари на граѓаните!
Додека Бујар Османи зборува за верификација на носителите на функции, како да ја контролира чистотата на функционерите, Артан Груби преку Лотарија и Перпарим Бајрами отвора уште 6 други тендери во вредност од 2 милиони евра пари на граѓаните, за рекламирање и маркетинг на игрите на среќа и казина, кои еден млад човек нивните реклами да ги гледа на билбордите во градот, на телевизија, на радио, на фејсбук итн.
Додека Бујар Османи ја елаборира опасноста од Русија, Артан го подготвува теренот исто како и сите други тендери во Лотаријата, и овие да ги добие подземјето на Србија!
Почитувани граѓани, денес јавно прашуваме, дали е вистина дека парите наменати за изградбата на градинки, на владини состаноци, се подготвуваат планови како овие средства да се пренаменат за потребите на лотаријата на Северна Македонија, и со истите да купите повеќе апарати за казина и да отворите уште повеќе казина? Значи да ги скратите средствата од градинките, и да ги додадете во бизнисот каде што сте партнер, бизнисот на коцкањето. До каде ќе оди вашата алчност за пари?
Знаете ли колку училишта, градинки, колку амбуланти, колку старт бизниси, колку капитални инвестиции можат да се реализираат со овие пари?
Цели 76 милиони евра само за еден мандат, за 4 години потроши Артан Груби преку неговата Лотарија за бизнисот на казината!
Како ДУИ, која некогаш ги претставуваше Албанците и УЧК, денес да биде позната повеќе по скандалите Лотарија, Соравија, Евровија“, истакнаа од коалицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите
Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти кои денес ССМ ги премолчува, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Да бидеме целосно прецизни. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС. Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“, рече тој.
Дополнително, додаде Стојаноски, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР, а синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
„Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон. Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата“, рече пратеникот.
Стојаноски вели дека еден од тие суштински амандмани бил токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
„Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка? Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.

