Македонија
Приремен режим на повеќе сообраќајници поради одржување велосипедско возење и спортска трка
Од Град Скопје информираат дека в недела, поради одржување две манифестации, ќе се воведе привремен сообраќаен режим на повеќе сообраќајници во разни периоди од денот.
Во периодот од 12 до 12.30 часот, поради одржување на манифестацијата „Скопје на точак 2018“, ќе се воведе сообраќаен режим на сообраќајниците по кои ќе се одвива велосипедското дефиле, информираат од Град Скопје.
„Возењето велосипед ќе се одвива по булеварот Илинден, од фонтаната ‘Лотосов цвет’ до крстосницата со улицата Љубљанска (кај ТЦ ‘Скопје сити мол’), потоа по улицата Љубљанска и улицата Московска (студентски дом ‘Гоце Делчев’). Возењето понатаму продолжува по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, преку улицата Димитрие Чуповски и улицата 11 Октомври, до крстосницата со булеварот Кочо Рацин. Карванот продолжува по булеварот Кочо Рацин, булеварот Крсте Петков Мисирков, кај ТЦ ‘Мавровка’ продолжува по булеварот Гоце Делчев и завршува на булеварот Илинден кај фонтаната ‘Лотосов цвет’ во Градскиот парк“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Наведените улици, информираат од Градот, ќе бидат користени 30-ина минути и ќе бидат привремено затворени кога ќе се движи карванот, со исклучок на булеварот Илинден, кој на потегот од фонтаната „Лотосов цвет“ до крстосницата со улицата Франклин Рузвелт ќе биде целосно затворен за сообраќај во периодот од 11.45 до 12.10 часот.
Во дадениот период автобусите што ги опслужуваат линиите со број 8 и 15а ќе бидат пренасочени по булеварот Партизански одреди и улицата Франклин Рузвелт и понатаму продолжуваат по своите траси, додаваат оттаму во соопштението.
Вториот настан в недела е одржувањето на атлетската трка „13 Ноември“ поради која ќе се затворат неколку сообраќајници во централното градско подрачје, и тоа во периодот од 15 до 16 часот. Трката ќе се одвива по следната траса: улица Филип Втори Македонски од хотелот „Холидеј ин“ до крстосницата со улицата 11 Октомври, по улиците 11 Октомври и Димитрие Чуповски до крстосницата со улицата Даме Груев (кај ТЦ „Палома бјанка“). И поради овој настан, ќе има пренасочување на сите автобуски линии што поминуваат на овој потег, велат од Град Скопје.
„Во дадениот период автобусите што ги опслужуваат линиите со број 50 ,57 и 59 од Бит-пазар, ќе се движат право по булеварот Кочо Рацин (‘Југодрво’), улицата Кирил и Методиј (‘Рамстор’) и ќе продолжат по својата траса. Во обратна насока ќе се движат по улицата Даме Груев зад Собранието, улицата 11 Октомври, булеварот Кочо Рацин и продолжуваат по своите траси. Автобусите што ги опслужуваат линиите со број 3, 3а, 3б, 4, 4а, 5, 7, 15, 15а, 21, 22, 23, 24, 25, 25а и 27, ќе се движат по булеварот Кочо Рацин, улицата Кирил и Методиј (ТЦ ‘Рамстор’) и ќе продолжат по своите траси. Во обратна насока ќе се движат по улицата Даме Груев, зад Собранието на РМ и ќе продолжат по своите траси. Автобусите што ја опслужуваат линијата број 16 од Бит-пазар, ќе се движат право по булеварот Кочо Рацин (‘Југодрво’) и ќе продолжат по својата траса и во двете насоки. Во дадениот период автобусите што ја опслужуваат линијата со број 17, ќе бидат пренасочени преку булеварот Кузман Јосифовски – Питу, по булеварот Крсте Мисирков и ќе продолжат по својата траса“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Од Градот преку своето соопштение ги повикаа сите ученици во сообраќајот да се придржуваат кон регулирањето на сообраќајот од униформирани полициски службеници или други овластени службени лица, како и кон привремено поставениот режим на сообраќај, и брзината на возењето да ја приспособат на условите на патот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

