Македонија
Времето утре облачно и посвежо со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде облачно и посвежо со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните делови и проследени со засилен јужен ветер особено во Повардарието. Во попладневните часови врнежите постепено ќе престануваат, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје претежно облачно со повремен дожд и засилување на ветерот. Попладне врнежите ќе завршат. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно време со појава на утринска магла и со умерен, на места засилен ветер претежно од јужен правец. Утринските температури ќе бидат позитивни, а дневните во значителен пораст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителниот акт за пожарот во Кочани – одобрен во целост

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје во целост го одобри обвинението поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од Судот наведуваат дека со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, било исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор биле заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имал потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата.
„Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта. Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде доуреден, во диспозитивот не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд“, соопштија од Судот.
Македонија
Директорот на БЈБ: Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање

Директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев учествуваше со свое излагање на 7. Западнобалкански дигитален самит кој се одржува во Скопје од кој Македонија испраќа силна порака за регионална соработка и заедничка дигитална иднина.
„Сајбер-нападите сè почесто ги таргетираат институциите, нарушуваат услуги и ја поткопуваат довербата во системот, па оттаму неопходно е постојано вложување во едукација, како на полициските службеници, така и на јавната администрација, со цел навремено препознавање и реагирање на сајбер-инциденти. Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање, па во таа насока за надминувањето на предизвиците неопходна е регионална и меѓународна соработка, како и активно вклучување на приватниот сектор во развојот на иновативни решенија“, истакна директорот Јанев во своето излагање.
Јанев ги нагласи можностите и плановите за користење на вештачка интелигенција во полициското работење, со цел побрза и поефикасна обработка на податоци и навремено донесување одлуки.
„SOCTA 2025 потврдува дека сајбер-криминалот е во пораст и мора да остане висок безбедносен приоритет. Само преку координирана акција и споделена одговорност можеме да изградиме отпорен и безбеден јавен сектор“, потенцираше на крај директорот Јанев.
Македонија
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети, кој е на црната листа на САД

Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, од функцијата. Инаку, тој во декември минатата година, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД за примање мито и одолговлекување судски предмети поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, на 26.05.2025 година донесе одлука за негово разрешување.
Беџети ја обжали одлуката, а Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението на Судскиот совет од мај годинава.
Груби и Беџети лани беа ставени на црната листа на САД.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува јавната доверба. Никој не е над законот, а одговорноста е од суштинско значење за напредок“, рече тогаш американската амбасадорка, Ангела Агелер.