Македонија
Времето утре променливо облачно и топло

Променливо облачно и релативно топло, претежно во западните делови со слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени, информираат од УХМР.
Во Скопје променливо облачно и релативно топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне 17 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судот ја одби гаранцијата од милион евра на Асмир Јахоски

Судот ја одби гаранцијата од еден милион евра на бизнисменот Асмир Јахоски, осомничен за перење пари, во замена да биде пуштен од притвор.
„Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на А.Ј., осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело, поднесен преку неговиот бранител, за замена на мерката притвор со гаранција, по одржана седница и извршен увид во целокупните списи на предметот, донесе решение со кое предлогот на осомничениот се одбива како неоснован“, соопшти Кривичниот суд.
Имено, судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на јавниот обвинител, смета дека во овој момент сe уште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор односно околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците како и дека може да сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка сеуште е во тек и сеуште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 3 дена од приемот на истото.
Македонија
Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат сомнителни пораки, апелира МВР

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека до неколку граѓани и правни лица, од страна на сторители што лажно се претставуваат во име на МВР и ЕВРОПОЛ, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.
„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе презема соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителите“, велат од МВР.
Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер во согласност со нивните интерни процедури за сајбер-безбедност.
Македонија
Бизнисменот Асмир Јахоски нуди еден милион евра гаранција да излезе од притвор

Бизнисменот Асмир Јахоски понудил еден милион евра гаранција за да излезе од притвор. Тој е осомничен за перење пари. Обвинителството соопшти дека ќе ја прифати гаранцијата ако на посебна сметка на судот Јахоски депонира дополнителни 72.000.000 денари.
„Во мислењето јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60.672.235 денари може да биде основан само ако осомничениот во исто време на посебна сметка на судот дополнително депонира и износ од 72.000.000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага Обвинителството, износот од 72.000.000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист на овој осомничен, од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување“, се наведува во соопштението.
Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
„Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека Обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги скрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци. Во согласност со даденото мислење, само со определување на сите погоренаведени мерки, Обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.