Македонија
Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, праша Арсовска
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, праша врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, како и врз основа на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се прави тоа.
Арсовска одржа прес-конференција по повод пожарот, каде што се осврна на изјавите на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и на Лазар Арсовски, сопственик на „Универзал Балкан“, што ја врши реконструкцијата, а беа дадени дента кога избувна пожарот.
Арсовска рече дека Град Скопје како сопственик не бил информиран за почнување на градежните активности за кои зборува Костадиновска и праша, според изјавите на министерката, каде, кога и од кого е осигурен проектот, на која вредност и за кој случај на настанување штета.
Градоначалничката коментира и дека во оваа држава старите кабли се причина за сите пожари по изјавата на Арсовски дека можно е пожарот да бил предизвикан од стар кабел или инсталација, истовремено прашувајќи од каде произлегле таквите сознанија.
Меѓу другото, Град Скопје побара и одговор зошто, ако министерката дознала пред 9 часот за пожарот, не го пријавила. Зошто работниците, кои се обиделе сами да го гаснат пожарот, не побарале помош со оглед на тоа што во противпожарната бригада бил пријавен дури во 9.50 од случаен минувач. Град Скопје бара одговор и каде избувнал пожарот, односно кога работниците почнале да го гаснат.
Одговор побара и на прашањето кој е управителот на градбата во моментот на опожарувањето, врз основа на кој докумет или кој проект, како и кој е надзор на градбата во моментот на опожарувањето.
Таа потсети дека по преземањето на функцијата, Град Скопје предупредил дека проектот не обезбедува безбедна изградба, но таквите информации за проекти од милиони евра, како што рече, не се пренесуваат, а поважни се куќарките на плоштадот или новогодишната елка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

