Македонија
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово, Крушево, на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози во западните и југозападните делови од државата, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот.
Во останатите делови од државата коловозите се претежно суви. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово, Крушево, на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека. Забраните за сообраќај за тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража и крак Маврово – Дебар се укинуваат во 05.30 часот, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев најави реформа во администрацијата: Нема доживотни функции, нема недопирливи
Министерството за јавна администрација денес ја започна јавната дискусија по нацрт-верзијата на Законот за високи раководители во органите на државната управа и фондовите – реформски закон со кој првпат се воспоставува единствена, јасна и мерит-базирана рамка за уредување на највисоките раководни функции во администрацијата.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека законот се носи преку отворен, транспарентен и инклузивен процес, со активно учество на институциите, стручната јавност, синдикатите, граѓанскиот сектор и граѓаните. Нацрт-законот е јавно објавен на ЕНЕР од 31 декември 2025 година, што ја потврдува определбата реформите да се креираат преку дијалог.
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека предложениот закон воведува суштински промени во начинот на избор, именување и отчетност на високите раководни кадри во јавната администрација.
„Воведуваме појасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на колегијални органи на државната управа, но и за членови на управни одбори, за кои досега речиси и да не постоеја правила. Принципот на мерит станува правило, а не исклучок – оној што раководи ќе мора да знае, да може и да одговара“, нагласи министерот Минчев.
Посебен акцент во законот, како што посочи министерот, е ставен на реформата на управните одбори.
„Со овој закон воведуваме воедначени услови и јасни критериуми за избор и именување на членовите на управните одбори, а нивниот состав го намалуваме на три члена. Наместо бројност, воведуваме квалитет. Наместо формално учество, воведуваме реална одговорност“, истакна Минчев.
Тој додаде дека управните одбори повеќе нема да бидат нефункционални и проширени структури, туку компактни и ефикасни тела составени од лица со соодветни професионални квалификации, знаење и интегритет.
Министерот се осврна и на една од значајните новини – строгото ограничување на институтот „вршител на должност“.
„Со овој закон ставаме крај на злоупотребата на ‘вршител на должност’. Свесни сме дека привремените решенија со години беа правило, а не исклучок, што ја поткопуваше институционалната стабилност и одговорност. В.Д. станува исклучок – строго временски и правно ограничен“ нагласи тој.
Дополнително, законот предвидува воспоставување систем за следење и оценување на резултатите од работата на високите раководители.
„Позицијата повеќе не е титула, туку одговорност за резултати. Нема доживотни функции, нема недопирливи позиции. За првпат, работата на раководителите системски ќе се мери и ќе се врзува со учинок, а не со статус“ истакна министерот Минчев.
На јавната дебата се обрати и генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Игор Јанушев, кој ја истакна важноста од јакнење на професионализмот, отчетноста и институционалната стабилност во јавната администрација.
Настанот беше организиран од страна на Министерството за јавна администрација во соработка со Центарот за управување со промени во рамки на Проектот „Преосмислување на управувањето“, кој го имплементира ЦУП, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, а во соработка со Владата на Република Македонија.
Македонија
СДСМ: Општина Кисела Вода не е расчистена, туку е блокирана од снег
Информациите изнесени во соопштението на градоначалничката на Кисела Вода се комплетно неточни. Реалната состојба на терен е сосема поинаква, реагираат од Општина Организација СДСМ Кисела Вода.
„Општина Кисела Вода не е расчистена, туку е блокирана од снег. Голем број улици се непроодни, нерасчистени и небезбедни за сообраќај и пешачење, особено во утринските часови. На терен не се забележува соодветна механизација, ниту пак континуирано фрлање сол на критичните и замрзнати точки, ниту денеска ниту во изминатите денови. Во делови од општината, граѓаните сами се снаоѓаат за да обезбедат пристап до домовите, училиштата и автобуските постојки. Тврдењата дека „сите служби се мобилизирани“ и дека „безбедноста на граѓаните е приоритет“ не кореспондираат со фактичката состојба на терен“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека улиците се лизгави и опасни, јавниот превоз се одвива со сериозни потешкотии и пристапот до градинки, училишта и другите установи е отежнат.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Скопје чисто и проодно, фрлени се 300 тони сол
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео од чисти улици и кажа дека се фрлени 300 тони сол.
„Скопје, чисто и проодно! Со навремена и организирана реакција, градските служби од раните утрински часови интервенираа ефикасно на сите клучни булевари и улици под надлежност на Град Скопје. Со употреба на повеќе од 300 тони сол, обезбедивме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Грижата за безбедноста на граѓаните и функционалноста на градот останува наш приоритет, Скопје мора да функционира, без разлика на временските услови“, напиша Ѓорѓиевски.
Сепак, по социјалните мрежи утрово граѓаните од речиси цело Скопје соделуваа фотографии и видеа од непроодни и неисчистени улици, а многумина од нив задоцнија на работа.

