Македонија
Гавковски: Полска сака да биде најсилен поддржувач на македонската интеграција во ЕУ
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оствари работна средба со вицепремиерот на Полска и министер за дигитални прашања, Кристоф Гавковски, во рамките на дигиталниот самит во Гдањск, Полска.
На средбата беше разговарано за тековните процеси и заложби за дигиталната трансформација во двете земји, со посебен акцент на полските искуства во дигитализацијата на јавните услуги и сајбер-безбедноста. Двајцата соговорници ја потенцираа важноста од зајакната регионална и европска соработка во оваа сфера.
„Полска и Министерството за дигитализација ќе бидат најголем поддржувач на европската интеграција на Македонија. На крајот на претседавањето со Советот на ЕУ фокусот на полската влада останува на поддршка на партнерите и пријателите“, изјави министерот Андоновски.
Министерот Андоновски истакна и дека со поддршка од Европската Унија оваа есен граѓаните на Македонија ќе добијат можност за дигитална лична карта преку мобилна апликација.
Средбата претставува потврда на заедничката заложба за интензивирање на билатералната соработка и размена на добри практики.
„Сакаме да бидеме најсилен поддржувач на македонската интеграција во ЕУ и како ваш традиционален партнер Полска е подготвена да ѝ помогне на Македонија со експертиза, техничка помош, особено во делот на сајбер-безбедноста, но и лобирање и поддршка во европските институции“, изјави вицепремиерот Гавковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

