Македонија
ГАК доби нова дневна болница со медицинска опрема
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство по повод адаптиран нов простор за дневната болница и салата за киретажа.
„Изминатите месеци интензивно работевме за да се опреми и оспособи една дневна болница во рамките на Клиниката, со оглед на тоа што сега установата е и ковид-центар. Сега имаме еден навистина современо опремен мини центар за изведување мали интервенции. Тука се изведуваат абортусите со целосно опремени нови кревети. Дневна болница која ќе им биде на располагање на сите пациентки на кои им е потребна оваа интервенција. Центарот е опремен и со два гинеколошки стола, две машини за анестезија, со што значајно се зголемува капацитетот“, потенцира министерот Филипче.
Во изјавата за медиумите тој истакна дека се разговарало и за промена на системот што една година функционира по промената на Законот за абортусот, кога волјата на жената се стави на прво место.
„Навистина е многу симплифициран целиот тој процес, нема повеќе чекање од три дена. Веднаш се спроведуваат постапките во согласност со новата измена на законот и во последните два месеца првпат на Клиниката, по соодветната набавка, се врши и медикаментозниот абортус, особено кај жените во пораните фази од бременоста. Сега на овој современ и навистина европски начин, освен стандардниот, може да се спроведе и медикаментозниот абортус“, рече Филипче.
Во следниот период Филипче најави почнување постапка за набавка на современ хируршки апарат – роботска хирургија каква што нема во земјата. Овој апарат ќе се користи најмногу од страна на експертите од областа на гинекологијата и специјалистите уролози. Со ова значајно ќе се зголеми квалитетот на здравствената услуга во еден сегмент во кој досега го нема во нашата земја.
„Во текот на пандемијата Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство секојдневно се справува со затечените состојби во оваа установа. Секако, просторно немавме можности во адекватни услови да се изведуваат киретажите и абортусите на Клиниката. Успеавме да преадаптираме простор во кој ќе се изведуваат киретажите и пациентите ќе имаат адекватни услови и третман“, изјави директорката на установата, д-р Викторија Јовановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

