Македонија
(Галерија) Градилиште во Охридско Езеро, албанскиот премиер се пофали со фотографии од бетонизирање
Во извештајот кој пред неколку месеци Министерството за култура и Министерството за туризам и животна средина од Албанија го доставија до светската организација и стручните тела, се спомнуваа некакви проекти, санации, состаноци за меѓугранична соработка, инспекции на терен. Но никаде не беа споделени вакви активности, алармира Охрид СОС.
Од една страна се прокламира заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, но од друга, се форсираат некакви проекти кои ја нарушуваат природната рамнотежа, велат од здружението.

Да не заборавиме, заради вакви и слични предлози или интервенции на македонска страна беше предложено Охридскиот Регион да се стави на листата Светско наследство во опасност. Се чини како албанскиот премиер (кој ги сподели овие фотографии на Facebook) да не е во тек со процесите кои се одвиваат, па форсира зафати кои се во спротивност на дадените препораки. Наместо исполнување на препораките, имаме вакви нови ситуации, кои не одат во прилог на заштита туку напротив, дополнително ги уништуваат специфичните предели, велат од Охрид СОС.

Уште еднаш на дело се покажува немањето волја за реално зачувување на исклучителните универзални вредности (ИУВ) на регионот, лицемерието на институциите, кои едно зборуваат или пишуваат а прават нешто сосема друго и ставањето на некои други интереси над оние кои треба да се приоритет. Албанскиот дел од регионот само пред четири години беше вклучен на листата, но многу брзо се покажаа слабостите на терен.

Неодамна, на средба со неколку организации и активисти од Поградец, Тушемишта и Тирана беа споделени загрижувачки информации. Заткулисно, се прави простор за ваквите проекти, иако државата се обврзала дека ќе го заштити тој дел од Охридскиот Регион.
Не попусто УНЕСКО инсистира на усогласени закони меѓу двете држави и интегрален план за управување со регионот, со цел доброто да го има истиот степен на заштита, независно во чија територија се наоѓа, велат од Охрис СОС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

