Македонија
Галетановски најави тужби, вели дека документацијата му била отворена незаконски без управен одбор
Ѓорѓи Галетановски, кој беше единствениот пријавен на конкурсот за директор на ЗOO Скопје, најави кривична пријава за зоолошката и Град Скопје, бидејќи не биле испочитувани роковите, а документацијата не му била вратена.
„По поднесување на целокупна документација од моја страна и по оглас кој е отворен до 14.08.2024 година, jaс сеуште немав официјален одговор. Законот вели дека доколку не се се спроведе огласот, како што беше случај, документацијата доставена не смее да биде отворена, туку веднаш вратена до мене“, вели Галетановски.
Тој во реакција до медиумите наведе дека еднаш отишол на лице место за да си ги побара назад документите, но не сакале да му ги вратат и му рекле дека не смеат да ги отворат и ќе го известат преку електронска пошта. После месец дена, вели Галетановски, сепак ги отвориле на своја рака и го известиле дека му ги испратиле назад, наместо да го повикаат да си ги подигне.
„Ми ги испратиле по пошта, а до денес документите не ми се стигнати, односно не знам дали се испратени и каде ми се сите оригинални документи. Бидејќи мојата документација е отворена, неовластено и незаконски без управен одбор и воедно моите лични податоци се злоупотребени, прво ќе пријавам во ДЗЛП, а по нивен одговор, ќе поднесам кривична пријава до ЗОО и до вработените во администрација кои ги отвориле документите“, вели поранешниот директор.
Најави дека ќе пушти тужба и за надомест на штета, поради повреда на правото на заштита на личните податоци, губење на документи и злоупотреба на лични податоци од неовластени лица, имајќи во предвид дека и Град Скопје и ЗОО се одговорни при спроведување на постапка за избор и доколку ја добие, средствата ќе ги донира на сметката на вработените на ЗОО Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

