Македонија
Гаши: Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод 2 Август – Денот на Републиката.
„Во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката. Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција.
Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, стои во честитката на претседателот на Собранието, Гаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лога: Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти
Северна Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти, реагираат од Алијанса за Албанците.
„Овие документи лесно се фалсификуваат и можат да се злоупотребат, особено во изборните процеси (процесот на прислушувањето докажа такво нешто), со што се загрозува изборниот резултат, чесноста на процесот, но и безбедноста на државата, вклучително и на регионот (имајќи ја предвид слободата на движење на Западен Балкан со лични карти)“, истакнува Кренар Лога, потпретседател на АА.
Доколку постои итност во земјата, нагласува тој, тоа е трансформацијата на сите овие лични документи во биометриски.
Македонија
Гаши-ДИК: во фокусот одржувањето на повторени избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Центар Жупа
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари работна средба со претставници на Државната изборна комисија: Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија; Абдуш Демири, потпретседател на Комисијата и Александар Даштевски, член на Комисијата.
Средбата ја организира претседателот на Собранието во функција на членот 132-а од Изборниот законик, согласно кој треба да се одржат повторени избори за градоначалници на Општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша и Центар Жупа. Ова од причина што условот од членот 132 став (2) од Изборниот законик – да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список, не е исполнет во овие Општини.
Средбата помина во конструктивна атмосфера и беше оценета како позитивен пристап на институциите кога станува збор за прашања што се од интерес на државата, во конкретниов случај Собранието и Државната изборна комисија. Повторувањето на изборната постапка во наведените четири општини ќе биде поизвесно по одлучувањето на Државната изборна комисија по поднесените приговори, што може да влијае на објавувањето на конечноста на резултатите од Локалните избори 2025.
На крајот, присутните искажаа заемна благодарност за одржаната средба и продолжување на меѓусебната соработка за прашања што се од важност како за двете институции, така и за државата во целина.
Македонија
Јаневска ќе ја почитува одлуката на Мицкоски доколку реши да ја смени
Министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку има реконструкција на владата таа ќе остане да раководи со ресорот образование или ќе оди во друг ресор, изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Мицкоски.
Јаневска посочи дека одлуката за сите предлози за членови во Владата ја носи премиерот заедно со партиските органи.
Премиерот, додаде таа, го носи најголемиот товар за промените во државава и има право да одлучува за министрите.
„На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, кажа Јаневска.

