Македонија
Генералштаб: Армијата да не се користи за дневно политички цели
Генералштабот на Армијата најостро ги осудува сите обиди за нејзино инволвирање во дневно политички цели и интереси. Оттаму велат дека по зачестеното објавување на написи во некои електронски медиуми и изјави во кои се посочува Армијата во обид на нејзино инволвирање, почувствувале потреба да реагираат на ваквите активности.
Армијата, велат од Генералштабот, е институција која континуирано е со највисок рејтинг во општеството и препознаена од сите граѓани во нашата држава.
„Генералштабот ќе продолжи фокусирано да ги спроведува предвидените реформски процеси во Армијата согласно високите НАТО стандарди, воедно грижејќи се за зачувување на безбедноста на граѓаните, суверенитетот и државниот интегритет на нашата држава. Почитувањето на Уставот, законите и институциите во општеството се основата на демократските вредности преку кои е изразена волјата на граѓаните, при што Армијата е гарант на тие вредности. Генералштабот, кој раководи и командува со Армијата нема да дозволи било какво инволвирање за дневно политички цели и интереси на поединци во институциите и политички субјекти во општеството.
Армијата и раководството е свесно и очекува наскоро граѓаните да го изберат новиот Претседател и нивен Врховен командант, а од сите политички субјекти да добие вистинска поддршка и достоинствен третман за подобрување на условите за живот и работа на нејзините припадници во функција на исполнување на дефинираните критериуми и стандарди како 30 членка на НАТО алијансата“, се вели во реакцијата на ГШ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

