Македонија
Генчовска и Османи разговараа за актуелната состојба на политичкиот дијалог
Министрите за надворешни работи, Теодора Генчовска и Бујар Османи, се сретнаа денес во Софија, 24 јануари, непосредно пред почетокот на Втората заедничка седница меѓу владите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија.
Двајцата први дипломати изразија задоволство од интензивирањето на дијалогот во последните недели, како и уверување дека претстојната седница меѓу владите ќе придонесе за продлабочување на позитивната динамика во односите.
Тие ја поздравија иницијативата за формирање секторски работни групи како средство за надградба на политичкиот дијалог и инструмент за идентификување и искористување на практичните придобивки од поактивната соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Во рамки на средбата беше разгледана актуелната состојба на политичкиот дијалог и билатералните односи, вклучително и во контекст на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Се разговараше и за доставениот во декември 2021 година, одговор од Северна Македонија на предлозите од Бугарија за пакетот за политички прашања таканаречен “5 + 1”.
Министерката Генчовска и министерот Османи го споделија мислењето дека директните и интензивни контакти меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји се правилниот пат за продолжување на напорите за изнаоѓање заемно прифатливи решенија за отворените прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

