Македонија
Георгиевски: Советниците на Трипуновски глумеа земјоделци на партиски протести
Тимот на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ се уште е заглавена во режимската матрица, изјави на прес-конференција, Гоце Георгиевски, член на Комисија за земјоделие, шумарство и водостопанство на СДСМ.
И самиот Трипуновски, вели Георгиевски, впрочем е дел од таа матрица, како кадар на Никола Груевски.
„Советникот на Трипуновски, Златко Стојчев го слушавме во снимените разговори како со Трипуновски и Мицкоски, ги организираат партиските таканаречени “земјоделски” протести кај Росоман, каде имаше партиска администрација која глумеше земјоделци. Истиот Стојчев има две казни од Државен инспекторат за земјоделство за узурпација на земјоделско земјиште. Советникот Митко Јанков е познат како организатор на неуспешниот протест на сточарите во Велес, каде не се појави ниеден сточар освен неколку партиски активисти. Драгољуб Гаврилов од Кочани пак, имаше неуспешен обид да организира протест на оризарите во Кочани, каде се појавија само партиски активисти. Истиот има земено трактор преку ИПАРД во време на ВМРО-ДПМНЕ. Николче Илиевски е истакнат член и активист на ВМРО-ДПМНЕ во Могила. Зоран Илиевски од Ресен е поранешен советник во советот на Ресен, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и истакнат член и активист на оваа партија Познат по тоа што на многу трибини на СДСМ, се појавуваше како провокатор, сакајќи да исценира инциденти“, изјави Георгиевски.
Тој додаде дека заедничко за сите овие советници е тоа што на покана на МЗШВ, учествувале во работни групи, за креирање на дополнителна мерка за субвенционирање, ги имаат добиено сите субвенции, и биле организатори на партискиот протест пред Владата, кога партиската администрација, бившите директори, членовите на општинските совети од цела држава, претседатели на Општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ и истакнати партиски членови, глумеле земјоделци.
Георгиевски најави дека во наредните денови ќе излезат во јавноста со информации колку овие советници добиле во 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, колку добиле за субвенции, колку и што добиле преку ИПАРД програмата и колку земјиште приграбиле.
„Ќе дознае јавноста колку навистина чинат овие таканаречени про-боно советници. ВМРО-ДПМНЕ со овие кадри не може да обнови ништо, освен криминалот режим кој со години ги малтретираше и манипулираше земјоделците. Земјоделците, сточарите, овоштарите, сите граѓани тоа нема да го дозволат. На 12 април повторно ќе ја порази режимската матрица на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“, додаде Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шилегов: Да, барам оставка од „претседателот“ на СДСМ
Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје и член на раководството на СДСМ, бара оставка на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла !!!! Или тешка Ви е одговорноста ? Или Ви тежи договорот ? Или си СДСМ или си тезгарош !!! М ? Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави …“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.
Подоцна тој објави уште еден статус.
„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел повици за 7 мин) ДА !!! Барам оставка на “претседателот” на СДСМ“, напиша Шилегов.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.

