Македонија
Герасимовски денеска со засилена акција за чистење на Центар: зголемен број хигиеничари, механизација, работа во две смени

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, најави дека се зголемува зборот на хигиничари кои денеска ќе работат во две смени, сабајле и навечер со цел одржување на хигиената на највисоко ниво. Тој, потенцираше дека и механизацијата што се изнајмува целосно се пушта во погон.
„Утрово, но и од она што го видовме викендов повторно е хаотично со сметот. Уште денеска се фаќаме за работа, продолжуваме со одржување на хигиената на највисоко ниво. Уште од денеска се зголемува бројот на хигиеничарите на терен, со работа во две смени, сабајле и навечер, и механизацијата што ја изнајмуваме се пушта целосно во погон“, рече Герасимовски.
На состанокот со раководителите на сектори од општината, Герасимовски изјави дека мора да се отпочнат и буџетските форуми кои беа најавени.
„Ги најавивме и мора да ги отпочнеме буџетските форуми, и јас предлагам да не чекаме ноември, туку уште од оваа недела да ги договориме истите, да видиме колку ќе одржиме оваа година дали ќе биде еден поголем или неколку помали и еден завршен поголем. Мислам дека треба урбаните заедници да одбереме три каде што би ја одржале три посебни форуми и дополнително еден голем каде што ќе ги донесеме заклучоците за програмата“, посочи Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Радев до Унгарија: Да ги убедиме нашите браќа во Северна Македонија дека без уставни измени нема ЕУ

Бугарскиот претседател Румен Радев ја повика Унгарија да ги убеди властите во Скопје дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија и почитувањето на нивните права се неопходни услови земјата да почне преговори за членство во Европската Унија.
„Ја повикав унгарската страна, која има пријателски односи со нашите браќа во Република Северна Македонија и растечки економски односи со РСМ, да ѝ помогне на оваа земја, со тоа што навистина ќе ги убедиме нашите браќа дека прифаќањето и вклучувањето на Бугарите во Уставот, почитувањето на европскиот консензус и отсуството на притисок и дискриминација врз Бугарите се неопходен услов за почнување преговори за членство во Европската Унија“, изјави Радев по средбата со унгарскиот претседател Тамаш Шујок, пренесе „БНР.бг“.
Радев и Шујок разговарале и за ситуацијата во регионот и за процесот на проширување на ЕУ, при што Радев истакнал дека Софија го поддржува европскиот пат на балканските земји, но напредокот, според него, треба да зависи од индивидуалните заслуги на секоја држава.
Во разговорите меѓу двајцата претседатели биле опфатени и темите за војната во Украина и иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за средба со Владимир Путин во Будимпешта, која и Радев и Шујок ја оценија како важен чекор кон дипломатско решение на конфликтот.
Македонија
Андоновски на самит на Европската комисија во Подгорица: ќе ги претстави приоритетите на Македонија во дигиталната трансформација

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски ќе учествува на Mинистерскиот самит на Европската комисија за стартапи, истражување и иновации во Подгорица, Црна Гора, на 20 и 21 октомври. Министерскиот самит ќе биде предводен од Еврокомесарката Екатерина Захариева, Комесар за стартапи, истражување и иновации при Европската комисија.
Целта на самитот е зајакнување на стартап-екосистемот на Западен Балкан, продлабочување на политиките за „паметна специјализација“, како и унапредување на истражувачките инфраструктури и примената на вештачката интелигенција во науката.
Во програмата учествуваат: Сигне Ратсо, Заменик-генерален директор на Директоратот за истражување и иновации при Европската комисија; Маида Горчевиќ, Министер за европски прашања на Црна Гора; Анѓела Јакшиќ Стојановиќ, Министер за образование, наука и иновации на Црна Гора; Бартож Марцинковски, претставник на полското претседавање со Советот на Европската комисија; Мартин Керн, Директор на Европскиот институт за иновации и технологии; и Амер Капетановиќ, Генерален секретар на Регионалниот совет за соработка.
Андоновски ќе се обрати на министерската тркалезна маса на тема „Истражувачки инфраструктури и вештачка интелигенција во науката“. Во своето излагање ќе ги претстави приоритетите на Република Македонија во дигиталната трансформација: модернизација на јавните електронски услуги, интероперабилност на системите, отворени податоци и поддршка на иновации и стартапи, како и безбедна и етичка примена на вештачката интелигенција во науката и јавната администрација.
На маргините од самитот Министерот Андоновски, заедно со останатиот дел од Македонската делегација ќе оствари повеќе билатерални средби меѓу кои и со Еврокомесарката Захариева.
Македонија
Kандидатите на „Вреди“ и на ДУИ ќе се соочат во вториот круг во Тетово, Касами е во водство

Кандидатите за градоначалници на Вреди и коалицијата НАИ, преводена од ДУИ, Билал Касами и Бајрм Реџепти ќе се соочат во вториот круг во трката за градоначалник на Тетово.
Според пребројани 100 проценти од гласовите и објавени на страната на Државната изборна комисија (ДИК), Касами од Вреди освоил 45,64 проценти од гласовите или 19.028 гласа, а Реџепти има 36,63 отсто, односно 15.272 гласа. Зад нив е кандидатката од Левица, Катка Божиновска со 7,91 отсто од гласовите.