Македонија
Герасимовски: На буџетскиот форум центарци побараа повеќе зеленило и уредување на потегот кај Зелен пазар
Општина Центар го одржа вториот буџетски форум, каде граѓаните покажаа голем интерес и активно учествуваа во дефинирањето на приоритетите за 2026 година. Форумот, што се одржа во ООУ „Димитар Миладинов“, помина во конструктивна атмосфера со отворена дискусија меѓу администрацијата, раководството на општината, советниците и присутните жители, велат од општина Центар.
Граѓаните предлагаа иницијативи и проекти што им се потребни во секојдневието, што уште еднаш потврдува дека буџетот се гради транспарентно, отчетно и со директно учество на заедницата, извести Општината.

„Гласот на граѓаните и нивните потреби се важни. Тие најдобро знаат што недостига во нивните маала. Нашата работа е да го слушаме секој предлог и да го преточиме во реални проекти“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски, кој пред присутните презентираше што е реализирано во 2025 и плановите за наредната година.
„На работните маси поделени по сектори, граѓаните доставија свои предлози и барања. Во комуналната сфера се дискутираше за хортикултурно и партерно уредување на просторот кај Зелен пазар, санација на подземните гаражи, зголемување и подобро одржување на зелените површини и збогатување на населбите со урбана опрема.

Во областа на образованието беа истакнати потребите за реконструкција на училишните дворови, санација на покриви каде што има протекувања и поставување лифтови во училиштата каде што има реална потреба за подобра пристапност.
Во културата, пак, беа предложени интерактивни аудиовизуелни проекти за ученици, мобилни галерии, скулптурни инсталации и активности со кои се поттикнува креативноста и се збогатува јавниот простор.

Дополнително, дел од управителите побараа санирање на фасадите, по што општинската администрација информира дека во Буџетот на Општина Центар се предвидени субвенции за нивна обнова. Поддршката изнесува 30%, а секоја станбена заедница може да аплицира за финансиска поддршка до 1.000.000 денари, поднесена од заедницата на станари или од мнозинството сопственици.
Жителите околу Зелен пазар го отворија и прашањето за дивите пазарџии, за што градоначалникот посочи дека е потребна засилена инспекција, но и заедничка и координирана акција на повеќе институции, меѓу кои и МВР и Државен Пазарен Инспекторат, за трајно решавање на проблемот.

Форумите, заедно со анкетниот прашалник, се најважните механизми преку кои Општина Центар ги идентификува потребите на граѓаните, обезбедувајќи секој предлог да биде разгледан и да се креира буџет што ги одразува реалните приоритети на заедницата“, се наведува во соопштението на општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

