Македонија
Герасимовски: Нови кошаркарски табли, детски реквизити, канти и клупи на повеќе локации во Центар
Општина Центар продолжува со уредување на јавниот простор и подобрување на условите за рекреација и игра на центарци. Во изминативе денови, поставени се нови детски реквизити и урбана опрема од канти и клупи на неколку локации низ општината, соопшти градоначалникот, Горан Герасимовски.
Во училишниот двор на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ се поставени нови детски реквизити, нови кошаркарски табли, клупи и канти, обезбедувајќи безбедно и пријатно катче за игра и спорт за учениците и децата од околината. Во населеното место Мало Курило е уредено детското игралиште со нови реквизити и опрема. Нови табли за баскет се поставени во населбата Пролет, на спортското игралиште кај Зеленото пазарче и на детското игралиште близу Градската болница кај поранешен Јукан, кадешто покрај кошаркарска табла поставени се и нови реквизити за игра.
„Како локална самоуправа вложуваме во простори кои го поттикнуваат здравиот развој на децата и младите, но и создаваат услови за дружење и активен живот во заедницата. Со овие мали, но значајни интервенции, покажуваме дека грижата за секој дел од Центар е приоритет“, вели Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за камиони на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
Забрани за тешки товарни возила на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Сопиште и Илинден денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани два прекини и тоа:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на дел од село Добри Дол. (општина Сопиште)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците во село Кадино кон црквата Св.Илија, улица 6. (општина Илинден)
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови и се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми до 25 cm. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -2, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

