Македонија
Герасимовски од Буњаковец: Се грижиме за најмладите, децата од прво до трето одделение во летниот период ги згрижуваме во градинките
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски оствари средби со жители на познатото центарско маало, Буњаковец во рамки на проектот „Се гледаме во маало“. Жителите се задоволни од грижата за образовниот процес, а се гордеат со ООУ „Киро Глигоров“ едно од најсовремените во нашата држава.
Пред година дена е завршено проширувањето на градбата и капацитетите на училниците на OOУ „Коле Неделковски“, a следна инвестиција е во „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Родителите се интересираа за згрижување на децата за време на летните месеци.

„Во делот на летното згрижување им излегуваме во пресрет на родителите кои што не можат да отсуствуваат од работа за да ги чуваат своите деца. Дечињата од прво до трето одделение кои што се до 10-годишна возраст ги згрижуваме во нашите градинки, а планираме да ги згрижуваме учениците и до четврто одделение.Недостасува наставен кадар, но верувам дека ќе добиеме согласност и од Министерството за образование за да ги задоволиме и овие потреби на родителите но и на децата“, вели Герасимовси.
Буњаковец е урбана и модерна средина, она што е проблем е бетонизацијата, но и покрај новите градби се инвестира во зеленилото.Се разгледува можноста, вети градоначалникот за изградба на нов спортски терен и за решавање на проблемот со движење на пешаците и велосипедистите.

Општина Центар работи на зголемуваме на капацитетите за паркирање а се планираат нови паркинзи до Песталоци, подземно надземна гаража со што ќе се ослободат тротоарите за пешаци и велосипедисти. Проблем е и сместување на најмладите во градинките, велат од Општината.
„Правиме се од себе и инвестираме многу, реконструирани се сите клонови и градинки низ општината и слободно можам да кажам дека имаме најдобри услови вклучувајќи го и персоналот и кадарот кој што се грижи за децата“, вели Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.

