Македонија
Герасимовски: Со враќање на полициските редари се зголемува безбедноста во секое маало во Центар
Во соработка со Министерството за внатрешни работи, во секое маало во општина Центар се враќаат полициските редари позорникари. Оваа информација пред граѓаните во населбата Пролет ја сподели градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој во присуство на двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје рече дека со овие маалски патроли, кои се враќаат најпрво во општина Центар, ќе се зголеми безбедноста и спокојот на граѓаните.
„Враќањето на позорникарите во маалата беше барање, но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во oпштина Центар ќе биде покриено со 1 до 2 позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сè почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели заштитници “, рече Герасимовски пред граѓаните.
Полициските службеници пред граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку забележат нешто сомнително, да го пријават на телефонскиот број 192.
Инаку, маалскиот полицаец треба да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој го заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажува потребна помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром објави Јавен повик за граѓански организации – ReLOaD3
Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува Јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).
Програмата има цел да го зајакне партнерството меѓу општината и граѓанските организации преку транспарентна поддршка и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики.
Приоритетни области за проекти:
Заштита на животната средина и климатски промени;
Социјална инклузија и поддршка на ранливи групи;
Млади и младинско учество во заедницата;
Креативни уметности и културен развој;
Повикот е отворен од 30.01.2026 до 27.02.2026
Исто така, ќе се одржат инфосесија, обука и менторска поддршка за сите заинтересирани организации.
Сите детали, услови и потребната документација може да ги најдете на следниов линк.
Општина Аеродром ги охрабрува сите заинтереси да аплицираат и заеднички да се придонесе за развојот на нашата заедницата.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестниот марш „Стоп за Цементара“
Утре, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи протестен марш „Стоп за Цементара“ со траса на движење од пред Влада на РСМ на булеварот „Илинден“, десно по булеварот „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улицата „11-ти Октомври“ до пред Собрание на РСМ и лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Изгласана Резолуцијата за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија: „Ова е потврда за напредокот на државата“
Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваат пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, беше изгласана Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Текстот на Резолуцијата во име на Мониторинг комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од политичката група на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии, соопшти Собранието.
Во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова, Собранието одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Северна Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Мониторинг комисијата или долгото име: Комисија за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа, има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите членки се обврзале.
Значењето на мониторинг процесот е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија. Односно, постои координиран пристап во мониторинг механизмите како во Советот на Европа, односно Парламентарното собрание и неговите комисии, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти, Венецијанската комисија, така и со ЕУ и другите меѓународни организации. Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава.
Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на Делегацијата на Собранието. Иванка Василевска ја истакна посветеноста на државата кон европските вредности, демократските реформи и конструктивната соработка во рамки на Советот на Европа, а затворањето на постмониторинг дијалогот го оцени како признание за долгорочните напори. Таа се осврна на постигнатиот напредок во демократските процеси преку фер избори, мирна смена на власта, изборот на првата жена претседател и конкретните резултати во борбата против корупцијата, потврдени од ГРЕКО. На крајот нагласи дека изгласувањето на резолуцијата е потврда на напредокот, мултиетничкиот и инклузивен карактер на државата и нејзината континуирана посветеност на реформите.
Беким Ќоку го поздрави завршувањето на постмониторинг дијалогот за Северна Македонија како значаен успех не само за државата, туку и за целиот Западен Балкан. Тој нагласи дека реформите и доследната посветеност кон стандардите на Советот на Европа носат конкретни резултати и ја зајакнуваат демократијата и стабилноста во регионот. Ќоку нагласи дека Северна Македонија е доверлив европски партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и посветена на европската интеграција. Своето обраќање го заврши со поздравување на резолуцијата како признание за постигнатиот напредок и поттик за продолжување на реформите во сите земји од Западен Балкан.
Бисера Костадиновска Стојчевска истакна дека оваа резолуција со која се затвора процес по 25 години е резолуција за секој политичар кој некогаш бил или е на власт, дека ја отсликува состојбата, но и желбата на граѓаните да бидат дел од Европската Унија. Таа кажа дека се надева дека со усвојувањето на оваа резолуција, сите политичари во државата, особено власта, добиваат јасен знак дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и тоа треба да се случи час поскоро.

