Македонија
Германски експерти ќе се вклучат во истрагата за пожарот во модуларната болница

Четворица германски експерти ќе бидат вклучени во истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница, соопшти портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
Тој образложи дека германскиот тим од Федералната криминалистичка служба, кој треба да пристигне по завршената претходница деновиве, е составен од двајца крим-техничари и форензичари за истражување пожари, како и двајца крим-техничари и форензичари за ласерско мерење простории и за фотографирање.
Арсовски рече дека МВР веќе подготвува соодветна поддршка во форма на алат, нацрти, планови и други релевантни информации што може да помогнат во заедничкото утврдување на фактите.
Германските експерти ќе работат заедно со крим-техничарите на МВР како поддршка на ОЈО при истрагата за утврдување на причините за пожарот во модуларната болница во Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.