Македонија
Гинекологија Чаир доби ургентен центар по европски стандарди
Во ГАК во Чаир пуштен во употреба е целосно реновираниот ургентен центар опремен по сите европски стандарди.
Во денешната посета на болницата министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека во изминатите четири години во болницата се направени многу значајни инвестиции врз основа на, како што рече, добро направениот план кој ги опфаќа инвестициите од страна на Министерството за здравство, како и поддршката од страна на донаторите – Агенцијата ТИКА, Проект ХОПЕ и компанијата Алма М.
„Сега можеме слободно да кажеме дека во болницата во Чаир се целосно реновирани операционите сали, делот за интензивна нега, современ мониторинг за жените коишто се породуваат, целосно реновирани амбуланти со нова опрема и зголемување на степенот на квалитет којшто се дава во интензивната нега на новородените таканаречен втор-а степен со којшто се подигна нивото на опременост на оваа болница. Болницата е целосно гасифицирана, ги нема веќе оние црни чадови коишто го загадуваа воздухот тука во Скопје“, изјави министерот.
Во болницата ГАК во Чаир се раѓаат близу 4.000 деца годишно, а Филипче посочи дека во изминатите 4 години постигнати се значајни резултати и процентот на преживување на предвремено родените бебиња значајно се зголемил.
„Смртноста во 2016 година која беше 25%, сега е 8,9%. Ова е резултат на инвестицијата во изминатите години во третманот на родилките и на бебињата. Ние сме единствена земја во светот којашто има значајно намалување на вкупната смртност на предвреме родените бебиња и во споредба со 2016 година истата е преполовена“, заклучи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

