Македонија
(Видео) Главна преокупација на ВМРО-ДПМНЕ е да ги заштити партиските војници во МРТ, вели Селмани
Блокирањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги од страна на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека главна преокупација на пратениците на опозицијата не е судбината на МРТ туку преку одолговлекување на расправата да ги заштити партиските војници во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми, рече претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.
„Загрижени сме што опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку фиктивна амандманска расправа во собраниската комисија за транспорт и врски го блокира донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, вели Селмани.
Со измените на овој Закон се укинува коруптивниот систем за субвенционирање на домашна продукција во националните приватни телевизии, нуди нов модел за избор на управните органи на МРТ и Агенцијата за медиуми, поотпорен е на политички влијанија, а со него се намалуваат и казните за медиумите.
Според Селмани, единствен недостаток на овој Закон е што не обезбедува стабилно и одржливо финансирање на МРТ и Агенцијата за медиуми, што е, како што кажа, услов за нивната независност и професионалност. За претседателот на ЗНМ чудно е што од поднесените 80 амандмани од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ниту еден не се однесува на овој недостаток на Законот.
„Несфатливо е зошто ВМРО-ДПМНЕ се противи на изборот на нов состав на програмски совет на МРТ и на советот на агенцијата, кога од нивниот глас зависи кој ќе биде избран“, рече Селмани.
Тој јавно ја повика претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Лилјана Затуроска, идната недела да закаже продолжување на расправата по законот, а пратениците од опозицијата да ја прекинат лажната дебата и да дозволат Собранието да ги изгласа измените.
Доколку не се изгласаат измените за законот, парламентарното мнозинство треба да ја преземе одговорноста и да ги деблокира реформите во медиумите. Ако ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува неконструктивно, бараме Комисијата за прашања за избори и именување да утврди престанок на мандатот на тројца членови на програмскиот совет на МРТ и еден член во советот на агенцијата за медиуми бидејќи при нивниот избор не е почитувана законската процедура, вели Селмани.
Тој рече дека ако парламентарното мнозинство не постапи на овој начин, ќе се доведе во прашање посветеноста за усвојување на Законот за АВМУ и за спроведување на медиумските реформи.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

