Македонија
Глобалната криза бара да ги пренасочиме синџирите за набавка на храна
Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска во Клубот на пратеници ја одржа десеттата сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема „Земјоделско-прехранбените пазари и обезбедувањето со храна во контекст на тековната глобална криза“, во организација на Европското движење.
Дијалогот во кој учествуваа сите засегнати страни, почнувајќи од креаторите на политиките, поточно претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Министерството за економија, од Министерството за надворешни работи, но и претставници на повеќе здруженија и задруги на земјоделци и преработувачи, претставници на стопански комори, платежната агенција и други граѓански организации, како и академските кругови, го отвори националната координаторка и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска.
„Темата на денешната сесија е поврзана со последиците од актуелната криза која многу брзо предизвика големи турбуленции на пазарите за снабдување со земјоделски прехранбени производи. Во моментов на висока земјоделска сезона во која завлегуваме го воочуваме проблемот – недостига семенски материјал, недостигаат ѓубрива, горива, пестициди и други суровини чија цена континуирано се зголемува. Ваквата реалност ја наметнува потребата од донесување мерки од ургентен карактер за надминување на последиците од оваа криза. ЕУ упатува на ургентно креирање политики за да се решат овие проблеми, но не е помала ни загриженоста на македонските земјоделци дополнително и поради губењето на земјоделските пазари“, рече во воведното излагање Ѓуровска отворајќи ја дискусијата со прашањата како да се стимулираат земјоделците да произведуваат храна во услови кога не се знае каде ќе ги пласираат своите производи, дали ќе се успее на време да се спроведат стимулативни мерки и дали ЕУ со своите мерки ќе ги опфати земјите-кандидатки за членство.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој исто така имаше воведно обраќање во темата, се согласи дека има потреба од мерки што ќе му помогнат на земјоделството и со тоа и на државата.
„Предизвиците можат да бидат големи и далекусежни. Затоа сме максимално фокусирани да обезбедиме сé што е потребно за стабилизирање на производството и непреченото засејување реколти за идната година. Наша задача е да бидеме подготвени и да понудиме решенија за сите проблеми. Критичната состојба во светското земјоделство значи внимателна подготовка на долгорочна стратегија. Пари се обезбедени за сите земјоделски гранки, простор за грижи нема да оставиме. Одиме стабилно и со план, во постапка на носење мерки кои ги бараат или предлагаат земјоделците“, изјави министерот Николовски изразувајќи подготвеност да ги прифати препораките, сугестиите, идеите и концептите што ќе произлезат од дебатата со цел да се дојде до одржливо производство и да се подготви план за дејствување.
„Подготвен е Национален план за производство на храна, чија цел е одржливо и зголемено производство на стратешките земјоделски култури. Во Планот е содржана Програмата за интервентниот фонд, со која засега се планирани 400 милиони денари за интервентни мерки за поддршка на земјоделците – за помали трошоци, одржливо производство и стабилен пазар на храна на основните земјоделско – прехранбени производи“, рече Николовски.
Тој се осврна на интервентните, среднорочните и долгорочните мерки, посочувајќи дека вкупно 210 милиони денари се за финансиска поддршка во полјоделското производство, односно за интервентна субвенција за покривање на трошоците за набавка на вештачко ѓубриво, односно 4.000 денари по хектар дополнителна субвенција за вештачко ѓубриво добиваат производителите на пченка и пченица и 2.500 денари по хектар производителите на јачмен и сончоглед. Вкупно 190 милиони денари преку интервентниот фонд се за финансиска поддршка во сточарското производство, а има и нови мерки за поддршка на сточарите. Обезбедена е интервентна субвенција од 400 денари по грло за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет и интервентна субвенција од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми. Се воведува и нова интервентна субвенција во висина од 60 денари по несилка, која се наоѓа на одгледувалиштето и е на возраст за производство на конзумни јајца.
Според него, ниту една обработлива површина не смее и нема да остане незасадена, особено не во вакви кризни времиња. Храна и житни култури мора да има. Затоа, во владина постапка влегува објавата на нов јавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, односно наменски оглас за земјиште наменето за производство на пченица, пченка, јачмен, сончоглед и добиточна храна, информира Николовски.
И шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин, смета дека пандемијата претходно, а сега и кризата што ја наметна руско-украинскиот конфликт покажаа дека системот за производство на храна мора да се трансформира во одржлив, но треба да се сменат и навиките на купување – храната да не се фрла и правилно да се складира.
„Добро е да видиме кои биле проблемите и пред кризата, која ја покажа ранливоста на нашите системи за храна. Во пандемијата, синџирот имаше проблем со работници, карантини на вработени, промени во побарувањата, навиките, транспортот, логистиката. Производителите мораа да ги прилагодат своите навики кон санитарните и мерките за хигиена. Но, по завршувањето на пандемијата, сега се соочуваме со поголем предизвик – војната во Украина. Имаме големи скратувања, цените раснат зашто се купува храна од паника“, Худолин.
Тој посебно укажа на фрлањето храна во светски рамки, а на земјава ѝ порача да се прилагоди на скратените набавки што ги наметна кризата, како и да направи подобри системи – профитабилни за земјоделците и корисни за граѓаните.
Словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, пак, се осврна на т.н. економска дипломатија. Тој ја пофали земјава дека одлично го сфатила значењето на овој концепт.
„Концептот на економска дипломатија, воведен во последната декада, Северна Македонија многу добро го разбра и почна многу иницијативи и проекти во овој правец. Во време на криза оваа дисциплина добива ново ниво на значење. Економската дипломатија мора да го пренасочи фокусот и преку пренасочување на синџирите за набавка на храна да му помогне на земјоделскиот сектор да ја преживее кризата, земјоделците да продолжат со своите мисии и да обезбедуваат основни производи за живот“, рече амбасадорот Маркуш.
Во контекст да се поттикне намалувањето на загубите на храна во целиот синџир беше и една од препораките на денешната дебата, како и да се активира локалната самоуправа, односно општините во системот на храна и да се дополни листата на производи што се чуваат во стокови резерви, како на пример ориз.
Професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, пак, смета дека државата ќе треба посериозно да интервенира за да се замени сегашниот увоз кој е сериозен, со домашно производство.
„Руско-украинскиот конфликт нема да има некоја посериозна улога, но ќе влијае индиректно, врз порастот на цените на земјоделско-прехранбените производи. Во овој момент, нема простор за посериозна интервенција, освен да се нормализира увозот од Србија, како што е најавено, пред сé на пченицата и на сончогледовото масло за јадење. За на среден и подолг рок ќе треба да се направат сериозни анализи и стратегија за храна, како и програма за функционирање на целиот систем во услови на криза“, рече професорот Димитриевски.
Директорот на Одделот за земјоделство и услуги во Словачката земјоделска и прехранбена комора, Јан Баршавари, направи паралела на потенцијалниот недостиг на некои производи во Словачка и посочи дека таму се произведува, на пример, само 5 отсто масло за јадење и покрај тоа што имаат доволно сончоглед. Од друга страна Словачка е извозник на житни култури, но високите цени на житарките би можеле да доведат до поголем извоз од вообичаено и на тој начин постои ризик земјоделците да го извезат сето производство и нема да остане доволно за словачките мелничари и пекари. Според него, глобалната криза изврши големо влијание и врз производството на месо, што особено го чувствуваат фармерите кои немаат доволно земјоделско земјиште за да произведуваат храна за нивните животни и мора да ја купуваат.
Затоа, рече тој, „донесени се мерки на национално ниво и државата помага преку пилот-проектот за поддршка со таканаречената зелена енергија за земјоделците и млекопроизводителите, а во тек се и дискусии за создавање на т.н. ризичен фонд“.
Што се однесува до мерките од Европската Унија, тој ги посочи трите клучни точки, а тоа се глобална безбедност на храната, хуманитарна помош на ЕУ од 93 милиони евра за Украина и Молдавија (вклучувајќи храна и влезни резерви) и предлог-програма за поддршка на ЕУ за итни случаи во корист на Украина (330 милиони евра).
Овие и другите дополнителни мерки, засилени и преку притисокот на фармерите, дава надеж дека ќе се дојде до создавање на одржливи системи за производство и снабдување со храна на европското тло, беше заклучено на денешната дебата посветена на обезбедување храна во контекст на актуелната криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојкоски даде отчет за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат
Во првите 100 дена од новиот мандат, Општина Ѓорче Петров реализираше низа инфраструктурни, образовни и развојни активности, со фокус на капитални инвестиции, подобрување на условите за живот и долгорочно планирање на локалниот развој, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Советот на Општината го донесе развојниот буџет за 2026 година во износ од 1,45 милијарди денари, од кои речиси 60 проценти се наменети за капитални инвестиции, односно над 596 милиони денари за конкретни проекти на терен.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека резултатите се доказ за континуирана и посветена работа на општинската администрација и тимот кој работи во интерес на граѓаните.
-Во изминатите 100 дена покажавме дека со јасна визија, одговорно управување и постојана работа на терен можат да се постигнат видливи резултати. Нашата цел останува иста – рамномерен развој на сите населени места и подобар квалитет на живот за секој жител на Ѓорче Петров – изјави Стојкоски.
Во делот на инфраструктурата, тој информира дека се реализирани нови улици и локални патишта во повеќе населени места, при што се изградени над 10.300 метри нови коловози, 800 метри нови патишта во Кучково, нов пат во Никиштани, како и нови патни решенија во Орман. Изграден е и новиот главен пат Ново Село – „Св. Архангел Гаврил“, а реконструирани се улици во Стопански Двор и улицата „Воин Драшкоци“ во Хром, каде е поставена и атмосферска канализација.
Дополнително, додаде тој, воспоставена е нова топловодна инфраструктура во населбата Александрија, со што се обезбедува почист начин на греење и намалени трошоци за домаќинствата, додека преку чистење на каналската мрежа се решаваат долгогодишни проблеми на улиците „Радушка“ и „Арсени Јовков“.
Стојкоски информира дека во образованието се реализираат инвестиции во вредност од 150 милиони денари, вклучително и доградби на основните училишта „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, „Јоаким Крчоски“ и „Страшо Пинџур“. Во училиштето „Димитар Поп Георгиев -Беровски“ се воведува еколошки систем за греење, а преку меморандум со UNOPS во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“ се планира поставување топлински пумпи во училиштата и градинките. Обезбедена е и нова информатичка опрема за училиштата „Мирче Ацев“ и „Страшо Пинџур“, како и целосна обнова на училишните санитарни јазли во ООУ „Ѓорче Петров“, со пристапност за лица со попреченост.
Во тек е и изградбата на новата детска градинка во населбата Дексион. Исто така, Стојкоски кажа дека Општината продолжува со финансиска поддршка од 8.000 денари за секое новороденче и најавува нови мерки за младите, меѓу кои субвенции за обука и полагање возачка дозвола.
Во областа на спортот и младите се реализира изградба на нов спортско-рекреативен комплекс на „Шидска“, спортски комплекс на Полјана, обнова на спортските терени во ООУ „Тихомир Милошевски“ и поставување две текбол маси преку европски проект, како и нова рекреативна зона во Дексион. Општината активно учествува и во европски иницијативи, меѓу кои проектот UrbanGreenLeap за мултифункционален парк во Волково преку програмата Interreg Euro-MED, како и културната иницијатива „Скопје 2028“.
-Овие 100 дена се само почеток. Продолжуваме системски, одговорно и транспарентно, со јасна насока за развој на Ѓорче Петров – додаде градоначалникот Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров најавува продолжување на започнатите проекти и нови инвестиции во наредниот период, со фокус на инфраструктура, образование, животна средина и поддршка на семејствата и младите.
Македонија
Европскиот кампус на Универзитетот Јорк ги отвори уписите за студенти од Македонија: Поблиску до британска диплома преку престижниот кампус во Солун
Европскиот кампус на Универзитетот Јорк ги отвори уписите за академската 2025/26 година, нудејќи им уникатни можности на идните студенти од Северна Македонија, меѓу кои и најважната – стекнување британска диплома во Европа.
Со седиште во Солун, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк испорачува британско образование во регионот, овозможувајќи им на студентите да се стекнат со престижна диплома, без да заминат во Обединетото Кралство.

Како официјално лиценциран кампус на Универзитетот Јорк во Европа, правно воспоставен во Грција, кампусот ги нуди академските програми на реномираниот британски универзитет преку три факултети: Факултет за бизнис, Факултет за компјутерски науки и психологија и Факултет за право и хуманистички науки.
Во академската 2025/26 година достапни се додипломски и постдипломски програми кои се изведуваат на англиски јазик од следниве области: Бизнис администрација и економија, Психологија, Компјутерски науки, Англиски студии, Комуникации и дигитални медиуми.
Додипломските студии траат четири години, додека постдипломските програми се со времетраење согласно конкретната студиска програма.

Студиите се истражувачки ориентирани и целосно усогласени со британските академски стандарди, комбинирајќи теоретско знаење со практични и технички вештини што директно одговараат на потребите на глобалниот пазар на труд.
Академската 2025/26 година претставува нова можност за македонските студенти да станат дел од глобална академска заедница и да изградат кариера според меѓународни вредности.
Универзитетот Јорк рангиран меѓу топ универзитетите во светот
Европскиот кампус на Универзитетот Јорк испорачува академски програми во шест земји низ Југоисточна и Источна Европа и во регионот Кавказ, претставувајќи уникатна можност за стекнување британска диплома.

Со запишување на Европскиот кампус, студентите стануваат дел од академската заедница на Универзитетот Јорк, една од водечките британски институции за образование и истражување и членка на престижната Russell Group, која обединува 24 водечки универзитети во Обединетото Кралство.
Универзитетот Јорк е рангиран меѓу топ 8% универзитети во светот и се наоѓа на 154-то место според Times Higher Education World University Rankings 2026, како и меѓу Топ 20 универзитети во Обединетото Кралство.

Стипендии за студенти од Северна Македонија
Особено значајно за македонските кандидати е тоа што и оваа година се обезбедени можности за стипендирање, и за додипломски и за постдипломски студии. Со тоа, престижното британско образование станува подостапно за талентираните млади од Македонија.
Уписите се веќе отворени, а заинтересираните кандидати можат да ги пронајдат сите детали за условите за аплицирање, школарините и студиските програми на официјалната веб-страница на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.
(ПР)
Македонија
(Видео) Жерновски: Портпаролката на Владата потврди дека Мицкоски управува со судовите
Денеска сакаме да отвориме една многу битна тема. Вчера се случи нешто што досега не е видено во Македонија, тоа е да претставник на владата и тоа портпарол со скандалозно признание фактички потврди она што СДСМ цело време го кажува, а тоа е дека судската власт во нашата држава е директно под контрола на извршната власт, изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Според него, Марија Митева вчера на телевизиска дебата кажала дека Мицкоски го контролира судството.
„Портпаролката на владата има податоци за мојот процес против МНР, процес којшто сеуште не е завршен. Она имаше податоци за тоа каква е пресудата. Значи јас пресудата не ја дознав од адвокатите, не ја дознав од судот, туку ја дознав од владата на нашата држава којашто ги има податоците не само за предметот, туку каков е и текот на самиот процес. Ова се зборовите. ‘Само немојте како изгубената жалба против претседателката Силјановска’, односно ‘моите информации’, ја цитирам портпаролката, ‘говорат декави е изгубена жалбата’“, рече Жерновски.
Според него, тоа значи дека владата на Мицкоски има информации од судот за самиот процес.
„Ова всушност значи дека процесиците во судството, особено против владата, против органите, против министерствата, пресудите се донесени пред да биде воопшто разен самиот предмет. Ова е еден голем скандал“, рече Жерновски.
Тој кажа дека очекува понатамошна истрага за тоа кој судија или кој од владата ги има овие информации. Даваме нон-стоп примери за тоа што се случува со судството.
Жерновски вели дека сега е исто како во времето на Груевски.
„Исто како во времето на оној на којшто морам да му го споменам името и на којшто режим повторно почна да не потсетуваат овие денови. Тоа е режимот на Груевски. Затоа и авионот нонстоп оди до Будимпешта кај Груевски. Не е битно кој е пилотот. Битно е што контролорот на летање на владиниот авион е Никола Груевски. Така да од сега кога ќе слушнете Груевски како вели она на М веќе не мисли ниту на Мерцедес ниту на Мајбах. Денеска она на М е Мицкоски“, рече тој.

