Македонија
Голема хуманитарна акција за донирање храна до социјално загрозени граѓани
На 6 септември со почеток во 10 часот па сè до 19 часот ќе биде организирана голема хуманитарна акција на 33 пунктови за донации поставени низ Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница.
Граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“ ја поддржа националната хуманитарната акција „Нахрани 10 000“ за собирање храна, која е во организација на мрежата „Сите сити“, а чиј идеен творец е асоцијацијата „Ајде Македонија“. Целта е да се подигне свеста на граѓаните за проблемот со недостиг на храна со кој се соочуваат многу граѓани во нашата земја, како и да се креира можност редовно да се донира храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно на 10 тони храна што ќе заврши во рацете на оние на кои им е најпотребна. Дел од организациите вклучени во овој проект работат со бездомни лица, и за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот. Останатиот дел од организациите се задолжени да ја дистрибуираат храната до социјално загрозените семејства и до старите изнемоштени лица до нивните домови.

„Идејата е секој месец да се случува настанот ‘Нахрани 10 000’. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно. Наша цел е оваа акција да биде дисперзирана во речиси сите градови низ земјава, не само во Скопје. Храната е основно човеково право, а веруваме дека македонските граѓани се хумани луѓе и дека безрезервно ќе ја поддржат оваа акција да донираат за нашите сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно“, велат организаторите.
Во апелот од организаторите се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна што не е лесно расиплива, како ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Акциите ќе се случуваат на следниве локации:
Сити мол Скопје, Трговски центар Зебра – Капиштец, Гиго маркет – Радишани, Веро џамбо – Скопје, Гиго маркет Драчево, Тинекс на бул. Борис Трајковски (Првомајска), Народна кујна при црквата Свети Петар и Павле, Тинекс Ѓорче Петров, Кит-Го маркет Автокоманда, С-маркет во Ченто (Синѓелич), во близина на Капитол мол (Аеродром), Тинекс пред Драмскиот театар во Скопје, Тинекс на ул. Асном б.б. Во Битола, Тинекс на ул. Захарија Шумљанска 5 (Прилепска) во Битола, Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.) во Битола, Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.) во Битола, Кам маркет 2 (на ул. Коле Неделковски б.б.) во Битола, Веро Горно во Битола, пред Беком Јавор во Битола, Тинекс (центар) во Куманово, пред Елида маркет (кај Стопанска банка) Куманово, на плоштадот во Прилеп, кај споменикот на Марко Цепенков во Прилеп, пред Тинекс маркет во Кочани, пред автобуската станица во Кочани, Маркет Здравец (до главната пошта во Струмица), кај техничкото училиште „Никола Карев“ (Струмица), на плоштадот Гоце Делчев во Струмица, плоштадот во Радовиш, пред ЕТЦ маркет во Гостивар, пред Монтенегро мегамаркет, во центарот на градот во Гевгелија, Централ Макпрогрес (кај стариот плоштад) во Виница и пред Жито маркет во Виница.
Според Државниот завод за статистика во Македонија, имаат проблем да обезбедат храна 445 099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12 000 тони вишок храна, што претставува за околу 26 000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмалку 11.6 милиони евра, што може да се искористи како нова програма за социјална заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.

