Македонија
Голем процент од дијагностицираните случаи се асимтоматски, осум пациенти се на механичка вентилација
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на прес-конференција информираше дека денеска се регистрирани 7 оздравени пациенти, починати се три лица, а вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 3152. Бројката на оздравени пациенти е 1653, на починати е 156, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1343. Досега во земјата се направени вкупно 37027 тестирања на ковид-19.
Во однос на состојбата на пациентите во јавно-здравствените установи, тој истакна дека на Инфективната клиника има вкупно 71 пациент и нема пациенти на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ има 42 пациенти, на респираторна машина се 8, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 13 пациенти, во болницата во Штип се хоспитализирани 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 39 пациенти.
„Во изминатите денови, практично цела измината недела, се направи таргетирано тестирање- скрининг на контакти на заболени. Екипите на центрите за јавно здравје интензивно работеа на терен во кризните региони и бројката која ја гледаме овие неколку дена е резултат на тоа. Ова беше сосема очекувано и ние тоа го најавивме. Таквото тестирање беше рана дијагностика и навремена изолација на контактите на лицата кои се носители на вирусот во рамки на познатите кластери. Се покажа дека најголем број од заболените се всушност заболени на семејни и други собири, па со ваквата стратегиja практично ги изолиравме сите контакти на заболените кои се без симптоми. Полицискиот час за викендов дозволи многу полесен пристап и брзо тестирање на сите контакти што претходно беше многу отежнато во последните денови. Позитивно е што покрај првичниот отпор кај дел од контактите сега веќе имаме подобра соработка и успеваме полесно да пристапиме и тестираме. Апелирам уште еднаш граѓаните максимално коректно да соработуваат со епидемиолозите и да даваат точни податоци. Огромен процент од дијагностицираните случаи се со лесна клиничка слика или се асимтоматски и од вкупниот број само 8 пациенти се на механичка вентилација“, потенцираше министерот Филипче.
Тој истакна дека околу 65% од активните позитивни случаи во Скопје се поврзани со познат случај, а од нив 90% припаѓаат во 41 кластер. Слична е состојбата и во другите 3 кризни региони каде најголем процент од заболените и тие се рамките на истите кластери.
„Кластерската анализа покажа дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир, прослава во период на 24ти и 25ти мај, односно точно пред две недели, а на што укажа деталната анализа во епидемиолошките прашалници. Овој бран е резултат на ова и повторно ќе кажам, непочитувањето на мерките не доведоа до овој нов бран. Анализата во текот на поседните 7 дена покажува дека успеваме жариштата да ги задржиме во рамки на одредени територијални целини, односно дека нема значајно ширење надвор од нив. Една од дилемите кои се појави е ширењето во други општини во Скопје, надвор од првичните кризни Чаир, Сарај, Гази Баба и Бутел. Тоа е очкувано затоа што Скопје функционира како една целина дека голем дел од овие кои се нови во други општини се исто така поврзани со настаните од ист период. Во периодот кој следи комисијата ќе предложи до Владата, во текот на утрешната седница ќе се дискутира за евентуална рестрикција на движењето“, рече министерот Филипче и додаде дека непочитувањето на мерките за заштита го донесе вториот бран во земјата и сите треба да извлечеме поука од ова.
Тој изјави дека успеавме добро да го амортизираме првиот бран и многу побезболно да ја ставиме епидемијата под контрола.
„Во даден момент, оние што не ги почитуваа мерките ниту оние за лична заштита, ниту рестриктивните кои беа воведени го загрозија и сопственото и колективното здравје и ги ставија во многу незавидна позиција сите останати граѓани кои доследно се придржуваат до мерките. И овој пат потенцирам, дека вирусот е тука, тој останува и мора да научиме да живееме со него. Целиот свет продолжува да живее со вирусот, а овие превентивни мерките се универзални насекаде, носење заштитна маска, дистанца, хигиена и дезинфекција, други во моментов нема ниту тука ниту било каде во светот. Само со почитување на овие принципи можеме да ставиме крај на епидемијата. Дисциплина на граѓаните, лична и колективна одговорност побрзо ќе не врати на патот кон нормализирање на нашиот живот. Апелирам до граѓаните да се почитуваат мерките, до надлежните институции за контрола на спроведувањето на мерките, заради тоа што секое прекршување мора да се детектира и санкционира“, посочи Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

