Македонија
Гори во Радовиш, Берово, Прилеп – активни седум пожари, три под контрола
Во текот на измнинатото деноноќие на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се под контрола, а седумнаесет се изгаснати.
Активни пожари има на неколку локации. Во општините Василево, Радовиш и Берово, во селото Нивичино, на планините Голем Готен и на Малешевските Планини гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Во општина Прилеп, кај селото Бешиште, во местото наречено Бешишки Рид, пожарот се шири кон селото Градешница (општина Новаци) и кон границата со Република Грција, каде што не се интервенира поради детонации. Активен пожар има и меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен во општина Прилеп, како и селата Галиште и Трстеник во општина Кавадарци, каде што гори мешана шума и ниска вегетација. Во општина Македонски Брод гори деградирана дабова шума меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа. Во селото Ќосевица, општина Македонска Каменица, активен е пожар во борова шума. Пожар е активен и во селото Ореше во општина Чашка, каде што гори букова шума и ниска вегетација, како и во селото Горно Црско во општина Кичево, каде што е зафатена ниска вегетација и ниска шума.
Под контрола се три пожари: во селото Грешница во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума и сува трева, потоа меѓу селата Драгоево и Селце во општина Штип, каде што е зафатена нискостеблеста шума, прнар и сува трева, како и во селото Јунузлија во општина Карбинци, каде што гори шума.
Изгаснати се вкупно 17 пожари на разни локации. Во општина Битола, на улицата Игњат Атанасовски, горела ниска вегетација. Во општина Василево, кај селото Босилово, бил зафатен пожар на депонија. Во селото Умин Дол во општина Куманово горела ниска вегетација, исто како и во населбата Бедиње. Во село Горно Лакочереј, општина Охрид, горело стрниште, а покрај автопатот Тетово – Скопје, во општина Тетово, исто така била зафатена ниска вегетација. Пожар имало и во селото Дебреше, општина Гостивар, во селото Годивје, општина Кривогаштани, каде што горела ниска вегетација и плевна, и во селото Долна Бела Црква, општина Ресен, на ѓубриште. Во општина Босилово, во селата Моносипитово и Банско, гореле депонии. Пожарот што почнал во селата Облавце, Бељаковце, Довезенце и Руѓинце во општините Старо Нагоричане и во Куманово се проширил и кон селата Димонце и Коњух во општина Кратово, каде што биле загрозени куќи и помошни објекти. Во село Нерав, општина Крива Паланка, горела висока борова шума. Во општина Илинден, меѓу селата Мршевци и Бучинци, горело стрниште, а во Катланово и село Чифлик, општина Петровец, била зафатена ниска вегетација, грмушки и дабова шума. Во општина Шуто Оризари, на улицата Брсјачка Буна, горело ѓубриште. Во општина Желино, меѓу селата Церово и Групчин, горела нискостеблеста и деградирана шума, а во селото Долно Перово, општина Ресен, биле зафатени елови дрва, врби, трска и сува трева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

