Македонија
Гостиварец, кој се занималал со продажба на станови, затаил данок од над 700.000 денари
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Л. Е. (52) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело даночно затајување.
Во периодот од 2014 до 2018 година во Гостивар, пријавениот, во својство на физичко лице, во континуитет избегнал да уплати персонален данок на доход на други видови приходи во вкупна вредност од 713.824 денари со пресметана вкупна камата за временскиот период во износ од 184.720 денари.
Паричните средства, како што информираат од полицијата, пријавениот ги остварил од изградба и продажба на станови за кои бил обврзан да плати данок констатиран со записник од надворешна контрола, извршена од страна на Управата за јавни приходи – дирекција Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милионски загуби, долгови и блокирани сметки – финансиски биланси на локалните јавни претпријатија
Денеска, Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за финансиските резултати на локалните јавни претпријатија во земјава.
Истражувањето открива дека:
· Загуба оствариле повеќе од половина од локалните јавни претпријатија во земјава, односно 71 од 128-те претпријатија.
· Вкупниот износ на загубите изнесува 17 милиони евра.
· На првите три места според загубите се скопски, а на третото и четвртото место се битолски јавни претпријатија.
· Во последните години растат и загубите и бројот на претпријатија со загуби.
· Само првите 10 претпријатија со најголеми загуби, прикажале 77 % од вкупните загуби.
· Вкупните долгови на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски, изнесуваат 193 милиони евра.
· Долговите на 10-те најзадолжени претпријатија се 40 % од вкупните долгови на сите претпријатија.
· На дури третина од локалните јавни претпријатија им е блокирана банкарската сметка.
· Во локалните јавни претпријатија работат повеќе од 12.000 луѓе, иако бројот на вработени во последните неколку години благо се намалува.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со осуда за синоќешниот упад во студиото на „Инфомакс“
„ВМРО-ДПМНЕ го осудува синоќешниот упад во студиото на „Инфомакс“ и секој обид со сила да се загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници. Ваквите инциденти се неприфатливи и претставуваат закана за основните демократски вредности кои треба да се заштитуваат и промовираат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Слободата на медиумите, правото на информирање и независната новинарска работа се темелни принципи за кои како партија отсекогаш сме се залагале. Без оглед на разликите во ставовите или уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување.
Ја поздравуваме брзата и професионална интервенција на полицијата и очекуваме сите надлежни институции целосно и доследно да ја истераат постапката.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде посветена на заштитата на слободата на изразување и создавањето амбиент во кој јавната дебата може да се одвива без страв и притисок“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ивановски: Пробиен претпоследниот тунел на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка
Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, нa својот фејсбук профил објави видео од пробивање на 14-от тунел на железничката делница Бељаковце-Крива Паланка која е во изградба.
„Добро е кога на крајот од тунелот ќе се појави светло. Рано изутринава го пробивме претпоследниот од вкупно 15 тунели на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка. Ова е вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија.
Градбата на оваа траса изобилува со предизвици, а еден од поголемите се пробивањето и градбата на тунелите.
Прогресот на градбата на целиот проект не е на посакуваното ниво, но би го пофалил изведувачот за нивниот успех во градбата на тунелите.
Верувам дека и во другите сегменти од градбата за многу скоро од денес ќе почнат да бележат успех“, напиша Ивановски.

