Македонија
(Видео) Грабар-Китаровиќ: Хрватска ќе помогне да се забрза процесот за членство на Македонија во ЕУ

Неколкуте години застој во проширувањето на Европската Унија создадоа опасен вакуум на луѓе чии интереси е да ги задржат земјите надвор од ЕУ. Но, сега, конечно, можеме да ги видиме позитивните поместувања и фокусот на Европската Унија и Европскиот совет на подрачјето на Југоисточна Европа, рече хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ на денешната прес-конференција во рамките на Процесот Брдо-Бриони.
„Секоја држава на евро-атлантскиот пат се соочува со разни предизвици, секоја држава е на различен степен кога станува збор за напредокот. Во име на Хрватска сакам да ја поздравам одлуката со која се препорачува почнувањето на преговорите за влез на Македонија и Албанија во ЕУ. Хрватска ќе направи сè за да се забрза овој процес“, рече Китаровиќ.
Таа истакна дека Хрватска силно ја поддржува политиката на проширување велејќи дека за напредокот на процесот најважни се факторите владеење на правото, организираниот криминал, корупцијата, безбедноста, демократските институции, реформата на јавната администрација, како и јакнењето на меѓусоседските односи.
„Го поздравуваме напредокот што сите држави го направија во изминатиот период, повикуваме и охрабруваме да продолжат со реформите затоа што тие се најважни. Пораката што ја носиме е дека ако постојано живеете во минатото, не можете да живеете во иднината, главната вредност на овој процес е иднината на државите од Западен Балкан“, рече Китаровиќ.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Борко Ристовски треба да си поднесе оставка за резил олимпијада и за хаосот во спортот

Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-от век пред очите на меѓународната спортска јавност и тој резил со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата, велат од СДСМ.
„Не е само катастрофалната организација, катастрофални се и резултатите на македонските спортски федерации, кои го одразуваат општото пропаѓање на спортот со оваа Влада и Ристовски како министер.
И додека најгордата Влада немала пари за соодветно сместување, вода, превоз, храна, клима-уреди и достоинствени услови за олимпијците имала за ПР и маркетинг!
Вработени во ПР-компанијата „ИДЕА Лаб“, чиј сопственик е близок до ВМРО-ДПМНЕ, добиле бизниси поврзани со олимпијадата, од маркетинг до менаџмент на социјални медиуми.
Значи има пари за ПР ама нема за основни услови за спортистите. Срамно и бедно.
Човекот кој пред неколку месеци ја убедуваше јавноста дека ќе организира „најдобра Младинска олимпијада во светот“ не може да побегне од одговорноста.
И не е само резил олимпијадата. ВМРО-ДПМНЕ и Борко Ристовски го деградираа и целосно го запоставија македонскиот спортот.
Намелена е поддршка на спортот на историски најниско ниво. Наместо 15 милиони евра субвенции, со ребаланост на буџетот поддршката се намали на само 6,7 милиони евра – најмалку досега.
Секој клуб, секоја федерација, секој спортист добива 40% помалку директна поддршка.
И сè уште нема отчет како се распределуваат тие пари.
Борко Ристовски е министер кој стана капитен на распадот во македонскиот спорт.
На Ристовски му стана поважна министерската фотелја отколку принципите по кои некогаш настапувал. Денес не ги поддржува спортистите, туку ги брани интересите на своите партиски шефови.
Бараме неотповиклива оставка од Борко Ристовски – веднаш!
Не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт. Одговорност мора да има!“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.