Македонија
(Видео) Градоначалникот на Куманово бара целосен карантин на градот
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, рече дека општината останува на барањето во Куманово да се прогласи карантинска зона со контролиран влез и излез од градот и дополнително вршење дезинфекција на тие пунктови.
Тој кажа дека ќе се изврши дополнителна дезинфекија на локациите и околината каде што живеат лицата кои имаат коронавирус.
„Апелирам до граѓаните на смиреност. Ова е борба во која учествуваме сите и сите треба да дадеме свој придонес. Единствено тоа ќе го направиме со останување дома, да го намалиме своето движење на минимум“, кажа Димитриевски.
Тој потенцира дека одредени граѓани не го почитуваат тоа.
Исто така, Димитриевски апелира до сите трговци што продаваат храна да воведат сервисни услуги и да вршат достава до дома, а вработените задолжително да користат заштитна опрема, односно маска и ракавици.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во Македонија е 177 лица од кои 11 се од Куманово, а во градот има и смртен случај од вирусот.
Меѓу заболените во Куманово има двајца доктори и две медицински сестри, кои биле во контакт со починатата пациентка во кумановската болница, кај која вирусот беше дијагностициран постхумно, откако два тестови кои биле направени додека се лекувала биле негативни.
Вчера владата на седница донесе забрана за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички јавен превоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

