Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски на средба со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф
Градоначалникот Ѓорѓиевски денес оствари средба со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Ото Граф. На средбата се говореше за македонско-германската соработка низ призмата на проектите од доменот на локалната самоуправа, нешто што веќе профункционира како успешен модел во Општина Кисела Вода.
Току затоа градоначалникот Ѓорѓиевски уште на почетокот се заблагодари за неодамнешната донација од страна на германската амбасада преку која беа обезбедени креветчиња и душеци за новата градинка „Симба“, која Кисела Вода со сопствени средства ја отвора во Усје. В.д. амбасадорот Граф се интересира за планираните проекти во програмата на градоначалникот и заеднички ги утврдија новите можности за соработка.
„Со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Ото Граф, денес имавме конструктивна и пријателска средба, преку која разменивме искуства и ги дефиниравме можностите за нови сфери во кои е можна заедничката соработка. Му се заблагодарив за неодамнешната донација преку која на дечињата што ќе бидат згрижени во градинката ‘Симба’ во Усје им обезбедивме креветчиња и душеци. Убаво е кога се има поддршка, особено во вакви големи проекти, каде што Општината од сопствени средства прави голема инвестиција, отвора инклузивна градинка на место на кое никогаш немало ваков објект. Со ваквите потези праќаме јасна порака дека унапредувањето на условите и со тоа овозможувањето поддршка на позитивниот развој на најмладата популација е заедничка стратешка определба. Се надевам, а точно тоа и го договоривме на денешната средба со в.д. амбасадорот Граф, дека проектите од ваков и сличен карактер ќе ја имаат поддршката од Сојузна Република Германија и во периодот што ни претстои. Воедно, кога веќе говориме за новата градинка во Усје, сакам да се заблагодарам и на студентите од Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет од Скопје, кои под менторство на своите професори работеа на визуелно обликување на оваа прва инклузивна градинка на територијата на град Скопје. На овој начин сите заедно дадовме свој придонес во обликувањето на инклузивната иднина на младите, што е најголемиот императив и мотив за сите нас. Паралелно, како локална самоуправа, ја поддржавме потребата од креативно изразување и ликовно-уметничко реализирање на проекти и активности на младите, со посебен акцент на нивно поактивно вклучување во придонесот за подигнување на свеста за социјалните придобивки и социјалната култура и образование“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.