Македонија
Градоначалникот Јованоски ги прими авторите на идејното решение за новата театарска зграда
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска во својот кабинет оствари средба со Илија Мирчески и Синиша Павловски, автори на првонаграденото решение на конкурсот за избор на идејно решение за новата зграда на театарот „Војдан Чернодрински“, како и со Стефан Станкоски, кој заедно со Викторија Митеска беа второнаградени на објавениот конкурс.
Честитајќи им на прекрасното архитектонско решение, градоначалникот Јованоски рече дека со направениот избор почнуваат конкретните активности за реализација на капиталниот проект за изградба на новата театарска зграда, која беше ветена во неговата изборна програма.
„Она што го ветив во мојата програма, дека за време на мојот мандат Прилеп ќе добие новa театарска зграда, ќе го исполнам. Среќен сум што авторите на победничкото решение на конкурсот, Илија Мирчески и Синиша Павловски од ‘СПИМ Студио4 изработија еден ваков прекрасен проект кој ќе биде гордост на нашиот град. Заедно со Министерството за култура и ЈП за ПУП, Општина Прилеп од денеска и официјално ги презема сите неопходни чекори за реализација на проектот, што значи дека до крајот на 2021 година театарот ‘Војдан Чернодрински’ ќе добие нов, современ и функционален објект“, изјави градоначалникот Јованоски.

Авторите на првонаграденото решение, Мирчески и Павловски, го искажаа своето задоволство од остварената соработка со Општина Прилеп, односно од укажаната доверба со направениот избор на распишаниот конкурс. Тие, како што рекоа, се ставаат целосно во функција на понатамошна реализација на проектот, сè до целосното завршување на објектот.
Она што понатаму следува е изработка на основниот проект, кој ќе доведе до фаза на добивање одобрение за градба врз база на урбанистичкиот план што се работи во моментов. Паралелно со тоа, ќе се работи и посебен проект за организирање на градилиштето, од причина што се работи за специфична локација која е во строгиот центар на градот. За таа намена ќе се врши комплетна реконструкција на улицата зад ЦК „Марко Цепенков“, чие изведување е неопходно за непречено функционирање на новата зграда на театарот „Војдан Чернодрински“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
Македонија
Костовски и Бајовски со ново, заедничко, ветување: Канализација ќе добијат сите улици во Бел Камен и Кучевишка Бара кои досега беа изоставени
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните
Градоначалникот на Чучер-Сандево попладнево на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот Бајовски.
Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

Главна задача на работната група е доработка на проектот со цел да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.
Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.
Градоначалникот Бајовски, за „Макфакс“ на крајот на ноември изјави дека, за да почне да го решава проблемот, прво ќе направи ребаланс на буџетот, а потоа ќе работи на нов проект кој ќе ги опати и улиците каде што никогаш не е изградена фекална канализација.

