Македонија
Градот Скопје: Место на „Фејсбук“, граѓаните да пријавуваат огнови на отворено на бројот 193
Во пресрет на зимата и сезоната со зголемено загадување на воздухот, Градот Скопје ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено. Оваа кампања се спроведува трета година по ред.
„Палењето огнови на отворено е законски забрането. Тие најчесто се последица на несовесни граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување. Она што претставува дополнителен проблем е тоа што во ваквите случаи овие луѓе најчесто горат пластика, гуми и неквалитетни дрва кои исклучително штетно влијаат на квалитетот на воздухот. Ние трета година по ред одговорно му пристапуваме на овој проблем. Подаваме рака за сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да го намалиме загадувањето на амбиентниот воздух. Истовремено, водиме грижа и им помагаме на оние на кои помошта им е најпотребна“, рече портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Тој додаде дека во текот на оваа календарска година на телефонскиот број 193 до овој момент се пријавени 273 огнови на отворено. Минатата 2018 година пријавени биле 251 оган на отворено, а во 2017 година кога Град Скопје ја почна оваа кампања, за неполн месец биле пријавени 56 огнови на отворено.
„Од тие причини уште еднаш ги повикуваме граѓаните активно да се вклучат во оваа борба и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во повикувачкиот центар, на телефонскиот број 193. Тука сакам да нагласам дека телефонското пријавување преку 193 е најбрзиот и најефикасен начин на пријавување. Тоа е бројот на противпожарната единица која е единствената служба којашто има брз и проверен систем за реакција и ги покренува сите потребни служби со цел мешаните тимови навремено да излезат на терен. Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати, а нашите сограѓани кои ги палат тие огнови заради затоплување ќе бидат упатени и сместени во згрижувачките центри. Затоа, наместо да објавуваат на Фејсбук или на другите социјални мрежи, ги повикувам сите граѓани овие случаи да ги пријавуваат исклучиво на 193. Природата на оваа работа е таква што тимовите можат да работат ефикасно само доколку се реагира брзо на единствениот проверен начин, а тоа е телефонскиот повик на 193. Сè друго е непотребно губење време“, нагласи Салиху.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.

