Македонија
Градот Скопје се приклучи на кампањата „Насилството раѓа насилство – сопри го, не разгорувај го“
Градот Скопје се приклучи на кампањата на Агенцијата за млади и спорт и Министерството за внатрешни работи за спречување насилството од каков било вид, со посебен осврт на меѓуврсничкото насилство и говорот на омраза. За целите и активностите што се преземаат како дел од оваа кампања на прес-конференцијата што денеска се одржа во просториите на Град Скопје зборуваа градоначалникот Петре Шилегов, заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
„Мотото на оваа кампања е ‘Насилството раѓа насилство – сопри го, не разгорувај го’, а токму тоа е и целта на кампањата, да се подигне свеста кај учениците во средните училишта да изградат активен однос кон спречувањето на насилството, првично преку негово препознавање, морална осуда на насилството во сите негови видови и форми, мерките за заштита од насилство, како и разбирање за штетните последици од насилството. Оваа кампања ја поврзавме со проектот ‘За безбеден град’ во кој Град Скопје преку средните училишта се приклучи минатата година со цел, меѓу другото, активно да се влијае на намалување на насилството во средните училишта. Во таа насока интензивно веќе втора година по ред во училиштата се организираат работилници и трибини за намалување и спречување на насилството меѓу учениците. Веќе во сите средни училишта се формирани тимови за безбедност составени од педагог/психолог, претставник од Советот на родители, претставници од СВР, професори, ученици и обезбедувачи. Тимовите имаат задача да ги детектираат можните причини за појава на насилство и да делуваат превентивно“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека безбедноста на граѓаните е меѓу приоритетите на Град Скопје и во таа насока Градот е отворен за соработка и поддршка од секаков тип на сите институции кои имаат за цел зголемување на безбедноста на граѓаните.
„Во делот на едукацијата и превенцијата со заеднички сили можеме да постигнеме многу и заради тоа апелирам на поголема вклученост на граѓаните во проектите од ваков тип бидејќи на крајот на денот ова го правиме за доброто на сите нас“, нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

