Македонија
Град Скопје: Нема да бидеме под уцена од криминалци
Град Скопје реагира во врска со отказните решенија којшто ги добиле двајца вработени како обезбедување во градски објекти.
„Лицето Елвис Симоновски, на ден 09.01.2023 извршил кривично дело, физички и вербално напаѓајќи го секретарот на градот Скопје во присуство на повеќе вработени од градот, за што е уредно пријавен во МВР кое постапува по пријавата. Елвис Симоновски е отстранет од работното место поради тешка повреда на работното место, нарушување на работниот процес, прекршување на актите за работа и законот“, велат од Град Скопје.
„Санкционирањето на вработени за кршење на работниот ред и дисциплина и тешки повреди на работниот процес е определено со закон и подзаконски акти и не подразбира мобинг. За овие тврдења, лицето ќе има можност покрај кривичната пријава, вистината да ја докажува и пред надлежниот суд.
Инаку лицето Елвис Симоновски има казнена евиденција и кривично досие. Во повеќе наврати е пријавуван за извршени кривични дела и тоа за фалсификување на исправа, за затајување и тешка кражба. Тоа што ова лице имало поддршка од неговите партиски колеги за толерирање на неговото непрофесионално однесување не значи дека оваа градска администрација ќе подлегне на ваквите партиски притисоци“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.
Македонија
На свечена церемонија, утре Пендаровски ќе и’ ја предаде функцијата на Силјановска-Давкова
Во Кабинетот на претседателот, утре – 12 мај ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и претседателот Стево Пендаровски предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија денеска и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. ДИК ќе треба да достави извештајот до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат.
Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
Aхмети тврди дека со челниците на „Вреди“ во јануари потпишале декларација дека ќе владеат само со партии што поддржуваат уставни измени
ДУИ тврди дека и првите луѓе на коалицијата „Вреди“ (Влен), со кои ВМРО-ДПМНЕ договара коалицирање во новата Влада, се потписници на декларација во која уверуваат дека ќе владеат заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата рече дека декларацијата била потпишана во јануари годинава.
Во неа, се наведува дека почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ) носи стратешки и значајни придобивки за нашата земја, а потписниците со обединет глас се придружуваат да одговорат на итната потреба за решавање и стабилност во земјата.
„За овие цели ние како политички партии изјавуваме: ‘Ние, долупотпишаните политички партии, имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ. Потписи на партиски претставници (наредени по азбучен ред): Арбен Таравари, Африм Гаши, Али Ахмети, Билал Касами и Изет Меџити“, стои во документот што го прочита Ахмети.
Претпладнево се случи првата рунда на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, по којашто партиите соопштија дека ги договориле општите начела за идната Влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Од тука додадоа дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите за коалицирање.
Во изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ излегоа со различни ставови за уставните измени, но во повеќе наврати беше потенцирано дека разговорите на таа тема ќе бидат ставени на маса по завршувањето на изборите.