Македонија
Најдоцна за еден месец ќе биде отстранета првата галија во Вардар
Градот Скопје денеска почнува постапка за отстранување на првата галија од коритото на Вардар, поточно на галијата во близина на местото каде што требаше да се гради Панорамското тркало. Условите се создадени и во рок од 30 дена корисникот на таа, таканаречена, урбана опрема е должен сам да ја отстрани, соопшти градоначалникот Петре Шилегов.
„Градот Скопје во изминатиот период водеше сериозни правни постапки, со сериозна правна прецизност, за да се создадат услови за отстранување на првата галија од коритото на реката Вардар без да има опасност од какви било финансиски импликации по нашиот град. Условите се создадени и во рок од 30 дена корисникот на таа, таканаречена, урбана опрема е должен сам да ја отстрани. Во спротивно, тоа ќе го направи Градот на негов трошок, по истекот на овој рок, некаде по 10 април оваа година“, рече Шилегов.
Тој нагласи дека безбедноста на скопјани е на прво место.
„Сите анализи и студии што ги направивме укажуваат дека објектите од проектот ‘Скопје 2014’ коишто се наоѓаат внатре во коритото на Вардар – галиите, сериозно можат да ја загрозат безбедноста од поплави, со тоа да нанесат материјална штета и да ги загрозат животите и здравјето на граѓаните. Од друга страна, пак, расчистуваме со нешто што никогаш не било и никогаш нема да биде Скопје, а тоа е проектот ‘Скопје 2014’“, велат од Град Скопје.
Тој потсети дека дислокацијата на овој објект е втората активност што ја презема градот, по отстранување на споменикот на Ќосето, а е во рамките на неговите ингеренции.
„Јас очекувам дека и во иднина ќе се создаваат услови, без да имаме финансиски импликации по буџетот на градот или по буџетот на централната власт, да ги отстраниме овие објекти од коритото на реката Вардар. Веќе ги отстранивме фундаментите од таканареченото Панорамско тркало, сега го отстрануваме и бродот што се наоѓа непосредно до Панорамското тркало, со што ги спречуваме можните последици и го враќаме ликот на градот“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коњановски: Заеднички да ја дочекаме Новата година кај Офицерскиот дом
На неколку часа сме пред Новата година, a старата за момент ни донесе ново новогодишно зимко руво. Снегот кој го имавме во текот на ноќта беше вистински украс на преубавата предновогодишна Битола. Ќе биде ладно, но топло во нашите срца, порача битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
„Време е заедно да одбројуваме и да ја дочекаме новата година. А има ли поубаво место од епицентарот на забавата-платото пред величествениот Офицерски дом. Денов изминува со детска програма за нашите најмлади и убава дружба со музичката програма во Старата чаршија.
Ве поканувам вечерва заедно да празнуваме, да се веселиме, да се дружиме
на главната сцена.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом започнува во 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“. Оттаму ќе ги испратиме планинарите и љубителите на планината кои
традиционално и годинава ќе бидат први на први на врвот „Пелистер“. Да бидеме заедно, обединети, во новогодишно заедништво“.
Македонија
Лимани: 2026 година ќе биде година на уште посилен ангажман за задржување на младите во земјата, за поддршка на семејствата
Годината 2025 беше година на предизвици, но и на конкретни резултати. Заедно работевме на зајакнување на социјалната заштита, проширување на услугите во заедницата и поддршка на најранливите граѓани, вклучително и лицата со попреченост.
Во центарот на нашите политики беа децата, преку инвестиции во нови градинки, зајакнување на системот за заштита на децата и промовирање на згрижувачките семејства како најхумана форма на грижа, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
„Со одговорност и почит, ja унапредивме и грижaта за постарите лица, создавајќи нови услуги, центри за активно стареење и поголема финансиска сигурност за генерациите што ја изградија нашата држава.
Исто така, инвестиравме во младите – во нивниот развој, вработување и активно вклучување, затоа што тие се енергијата и носителите на иднината.
Семејството останува столб на нашето општество, а демографијата – огледало на колективната надеж. Затоа, 2026 година ќе биде година на уште посилен ангажман за задржување на младите во земјата, за поддршка на семејствата и за градење инклузивни политики во образованието, вработувањето, домувањето и социјалната благосостојба – политики што не оставаат никого зад себе и ја враќаат вербата дека иднината може и мора да се гради тука.
Да посакаме повеќе раѓања отколку заминувања, повеќе насмевки отколку несигурност, повеќе доверба отколку сомнеж.
Да изградиме заедно општество што се грижи за најмладите, ги почитува постарите, ги поддржува најслабите и им дава крилја на младите“, кажа Лимани.
Македонија
СДС лаже за политички прогон, судиите и обвинителите во случајот „Сокол“ се кадар и мрежа на Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Кога СДС обвинува за политички прогон од ВМРО-ДПМНЕ, во случајот со криминалот на Филип Андонов Сокол треба да кажат дека судијата кој го осуди е поврзан со судиите и обвинителите кои го замрзнуваа имотот на ВМРО-ДПМНЕ и се изживуваа со наши членови со години додека СДС беше власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Судијата која изрече пресуда за Филип Андонов Сокол е син на Јавната обвинителка, Елизабета Јосифовска, која беше дел од СЈО и го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Истиот овој судија е поставен од кадарот на Заев, Иван Џолев, со само една година стаж во одделот за организиран криминал во Кривичниот суд.
Додека обвинителка во предметот на Сокол е Валентина Беслимовска истата што го повлече обвинението за Зоран Заев и го амнестираше“.
Од партијата на власт прашуваат, како овие судии и мрежа обвинители се дел од мрежа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Луѓето кои хараа со Заев и Филипче можат да бидат само дел од системот на СДС и никако поинаку“.

