Македонија
Град Скопје презентираше програма за заштита на животната средина
Во салата на Советот на Град Скопје денеска се одржа презентација на програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на Град Скопје за 2019 година, со цел запознавање на јавноста со планот на мерки што ќе се преземат во сферата на заштитата на животната средина.
На презентацијата свои излагања имаа Никола Наумоски, раководител на секторот за поддршка на градоначалникот, Лилјана Ончевска Наџинска и Никола Јовановски, помошници-раководители во секторот за заштита на животата средина на Град Скопје.
„Минатогодишниот буџет за животна средина на Град Скопје беше дотогаш најголемиот буџет издвоен за оваа намена. За 2019 се предвидени 186,2 милиони денари, што е 30% зголемување од минатата година, и со што се надминува ветувањето од 3,5% од вкупниот буџет посветен на животна средина дадено пред изборите во 2017 година“ – изјави денеска во своето обраќање Наумоски.
Во оваа сфера, освен секторот за заштита на животата средина, се вклучени и други сектори од градската администрација. Секторот за комунални работи, каде што се опфатени зеленилото, јавната хигиена, управувањето со отпадот, урбаната зоологија, потоа секторот за ЛЕР со одделението за енергетска ефикасност, секторот инспекторат со инспекторите за животна средина и др., како и секторите кои индиректно, преку реализирање на своите ресорни активности, влијаат врз подобрување на животната средина, на пример секторот за сообраќај, секторот за меѓународна соработка и др.
„Познато е дека градовите се главни мотори на националниот просперитет и економскиот раст, безмалку секаде во светот. Скопје не е исклучок во тоа и е главен мотор на националниот економски живот, но ваквата ситуација влијае врз квалитетот на животната средина и врз квалитетот на животот на граѓаните. Промената на начинот на живеење, миграцијата на жителите од другите градови и региони во Скопје, како и дневната миграција во Скопје, каде околу 50 000 возила секојдневно влегуваат во градот, негативно влијаат на квалитетот на живот во градот и се причина за големиот сообраќаен метеж и големото загадување на воздухот, особено во зимскиот период. При пресметка на еколошкиот капацитет на градот, го пресметавме еколошкиот отпечаток, кој изнесува 8,1 глобални хектари по глава на жител, биолошкиот капацитет е 2,05, а еколошкиот дефицит е 6.06гха/глава на жител, што е далеку поголемо од многу поразвиени и поголеми градови од Скопје. Ова градот го прави ранлив бидејќи постои: опасност од поплави, има високо ниво на подземни води, нецелосна подвоеност на фекалната и атмосферската канализација, појава на ерозија и свлечишта (Водно и СЦГ), појава на топлотни бранови и топлотни острови во градот, трусно подрачје, опасност од технолошки катастрофи“, велат од Град Скопје.
Поради сите наведени опасности во текот на изминатата година се изготвени: локални еколошки акциони планови за животна средина, План за подобрување на квалитетот на воздухот и Акционен план за вонредни состојби, Интегриран катастар на загадувачи на животната средина, Регистар на бунари за подземни води, Физибилити студија за намалување на ризикот од поплави, Студија за процена на еколошкиот капацитет со примена на еколошки отпечаток, Студија за климатски промени – Отпорно Скопје, Студија за намалување на урбаните топлотни острови, мониторинг на почви за загадување со тешки метали и нивна дистрибуција во растенија, Студија за ерозија со акционен план, издавање Б-интегрирани еколошки дозволи и одобрувања на елаборати за животна средина, Студија за озеленување на градот, како и Студија за оформување зелени коридори, подготвителни активности за пречистителна станица за комунални отпадни води, мезометеоролошки мерења во градот, сообраќајот на 90 крстосници го управува ЦУКС (интелигентно управување), План за одржлив транспортен систем, обновен е возниот парк на ЈСП, Скопје велоград и rent a bike, електромобилност, Social Car, ЕНМ, проекти за зголемување на урбана отпорност, Студија за енергетска ефикасност и СЕАП, Студија за одредување на потенцијалот за користење обновливи извори на енергија, економично регулирање на топлинските станици на објектите во надлежност на градот, гасификација на СУГС и енергетски ефикасни фасади и светилки во осветлувањето и илуминацијата, член на заедницата на Здрави градови на СЗО, како и Годишнa програма за заштита на животната средина и природата.
Градот Скопје соопшти дека заложбите за заштита на животната средина и природата ги реализира преку активностите во годишнa програма на секторот за заштита на животната средина во тесна соработка меѓу сите негови сектори, како и активна и непосредна соработка со граѓанскиот сектор. Во програмата се опфатени: заштитата на амбиентен воздух, заштитата од бучава, заштитата на водите, заштитата на почвите, отпадот, климатските промени, зеленилото, заштитените локалитети, спроведувањето одредени законски процедури, проекти од областа на животната средина и здравјето и благосостојбата на луѓето.
Според донесениот буџет на Град Скопје за 2019 година, зголемен е буџетот за заштита на животна средина, каде што се планирани 186 милиони денари, што претставува речиси 32% повеќе од буџетот за 2018 година во кој за овој сектор беа предвидени 141 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

