Македонија
Град Скопје: Пријавувајте огнови на отворено на 193
Градот Скопје за да го намали аерозагадувањето и годинава продолжи бесплатно да ги собира остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а четврта година по ред ја спроведува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193.
За да се заштити воздухот од загадување заинтересираните граѓани од целиот Скопскиот плански регион, може да се јават на телефонскиот број 071 395 395 и да договорат бесплатно подигање на органскиот отпад од нивните обработливи површини.
Со кампањата Градот Скопје сака на скопските земјоделци да им помогне да стекнат навика да не ги палат стрништата, да се зачуваат плодноста на почвата која ја обработуваат и да добиваат ѓубриво како субвенција за предадените остатоци од бербата.
Градот Скопје ги повикува граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето на воздухот и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во кол-центарот, на телефонскиот број 193.
„Овие две кампањи, заедно со субвенциите за чистење на оџаците во домаќинствата се едни од најважните кампањи на Градот Скопје за подигање на свеста во борбата против аерозагадувањето“, велат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 11:00 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Владата на булеварот „Илинден“ и булеварот „Свети Климент Охридски“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово
„Сведоштвата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу отвораат сериозни прашања за причините и одговорноста за трагичниот настан во модуларната болница во Тетово. Филипче ја составил, потпишал и одобрил техничката спецификација, но доколку постапувал согласно закон и доколку не го интересирале провизии, трагедијата можела да биде спречена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Модуларната болница во Тетово била изградена без исполнување на минимум стандарди. Наместо овие објекти да служеле за безбедност на граѓаните, истите не биле во согласност со пропишаните стандарди за изградба на објекти од областа на здравството.
Зошто законите не се почитувале и се импровизирало при нивното спроведување?
Зошто не биле доследно применети Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Зошто профитот бил ставен пред јавното добро?
Филипче и СДС наместо безбедноста на граѓаните ги интересирале провизии, анекси и тендери.
Во време на Филипче се вршеле набавки на вакцини од фирма која продава манго и ананас. Дополнително, се делеле физиолошки раствори наместо хемотерапија на Онкологија.
Пожарот во модуларната болница во Тетово исто така се случил поради низа пропусти при изградбата на објектот.
Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Аврамовски: Потребни се искрена посветеност и сериозен ангажман од власта во надминувањето на кризата со транспортерите
„Додека нашите владини претставници уверуваа за брзо решение со транспортерите, претставникот на здружението ‘Меѓународен транспорт’, кое ги води преговорите со ЕУ за надминување на блокадите, изјави дека Унијата не прифатила ништо од нивните барања и дека се повторно се можни нови блокади“, изјави портпаролот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Љубен Аврамовски.
ЛДП уште пред две недели алармираше дека додека нашите министри се враќаат од Брисел со „одлични вести“ за надминувањето на проблемот со транспортерите и ЕУ, босанскиот министер за транспорт Един Форто, изјави дека засега „нема решение за проблемот со транспортерите и ќе има дополнителна работна група“.
„Повторното нагласуваме, одложувањето на проблемот до септември не значи никакво решение, ниту одлична вест. Секој изминат ден за превозниците значи изгубено време и губење на заработката. Упатуваме апел до нашите државни претставници за искрена посветеност и сериозен ангажман во врска со надминување на моменталната криза со транспортерите. Возачите на камиони мора да бидат сметани за професионалци, а не за туристички патници“, вели Аврамовски во својата изјава за медиумите.

