Македонија
(Видео) Град Скопје распиша јавен повик за субвенции на инвертер клима-уреди
Град Скопје денеска го распиша јавниот повик за субвенции на инвертер клима-уреди за затоплување на домаќинствата, каде што граѓаните ќе може да аплицираат и онлајн.
Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, денеска одржаа прес-конференција и ги објасни деталите за распишаниот повик за субвенции на инвертер клима-уреди.
„Согласно со условите на овој јавен повик се отвора можноста за над 5.000 граѓани на Скопје да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер-уред, но не поголема од 62.000 денари во нето-износ. Сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот имаат право да учествуваат на повикот. Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 1.1.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата“, изјави Салиху.
Тој додаде дека на овој повик новитет е условот граѓаните доброволно да ја достават (без надоместок) постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на мазут на локација која дополнително ќе им биде соопштена.
„Овие субвенции се дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје. Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје, најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5-честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува пред сè поради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите. Со субвенциите за овие уреди создаваме услови за поголем број граѓани да се одлучат да инвестираат во нов начин на греење, со кој ќе се намали загадувањето на воздухот, ќе се намалат трошоците за греење, а ќе се подобри нивото на комфор и удобност во нивните домови“, нагласи Салиху.
Доколку се направи паралела во трошоците за греење на стан со 60 м2 за една грејна сезона во однос на греење со термопечка, печка на дрва и инвертер-клима уред ќе се добијат следните пресметки: термопечка која троши 10.920 kwh електрична енергија троши околу 40.000 денари годишно, печка на дрва која троши 12 м3 огревно дрво троши околу 37.000 денари годишно, инвертер клима-уредот на годишно ниво троши само 4.580 kwh електрична енергија, односно само 18.000 денари годишно.
Според анализата, на годишно ниво ќе се заштедат од околу 19.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 22.000 денари во однос на загревањето со термопечка. Новитет на овој повик е и можноста граѓаните за субвенции на инвертер клима-уреди за затоплување на домаќинствата да аплицират онлајн.
Сите информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување ќе ги најдете на следниов ЛИНК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

