Македонија
Град Скопје садеше дрвја во Лисиче
Екипи на Град Скопје како дел од пролетната акција за зазеленување на градот засадија 45 листопадни дрвја во Реонски центар Аеродром, на булеварот Видое Смилевски – Бато.
„Градот Скопје деновиве го реконструира јавното зеленило на булеварот Видео Смилевски – Бато на површина од 2.410 квадратни метри. На оваа зелена површина се поставени нова хидрантска мрежа во должина од 230 метри и нов систем за наводнување со хидранти. Денеска засадивме нови 45 листопадни дрвја, односно 30 садници од видот јасен и 15 садници од видовите јапонска цреша, украсно јаболко и сорбус. Ова е дел од големата акција за зазеленување на Скопје, во која само овој месец ќе бидат засадени околу 2.000 висококвалитетни листопадни садници“, рече градоначалникот Шилегов на денешната акција за засадување дрвја.
Тој додаде дека во есенската акција за зазеленување на градот планираат да засадат вкупно 8.000 висококвалитетни садници.
„Зазеленувањето останува на врвот на листата на приоритети на Град Скопје. Ќе ја искористиме пролетта да го обновиме загубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка што непосредно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации “, нагласи Шилегов.
На акцијата за засадување дрвја на булеварот Видое Смилевски – Бато присуствуваа и градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адријан Муча.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

