Македонија
Град Скопје со финансиска поддршка на 237 проекти во областа на културата
Град Скопје ги објави добитниците на конкурсот за финансирање манифестации, проекти и творештво на други корисници и чинители преку кои се остварува локалниот интерес во културата за 2020 година. На конкурсот што беше распишан на 18.09.2019 година за првпат се аплицираше по електронски пат и пристигнаа 490 комплетни апликации, што е најголем број досега.
Пристигнатите апликации беа оценети од шест стручни комисии, составени од претставници на Град Скопје и претставници од културните институции на Градот. Тие водејќи се според критериумите и насоките наведени во објавата на конкурсот, одлучија Град Скопје да поддржи 237 предлог-проекти, односно речиси половината од пристигнатите пријави. Од поддржаните предлог-проекти по 32 им припаѓаат на проектите кои опфаќаат меѓународна соработка и изведбени уметности; 50 од областа на визуелните уметности и уметност на нови медиуми; 43 проекти од издавачката и библиотечната дејност, 29 од музејската дејност и промоцијата на културното наследство и 51 проекти се поддржани од областа на музичките уметности.
За овој конкурс, Градот издвои 16 милиони денари, а просечниот износ на доделни финансиски средства по проект изнесува 67.500 денари. Проектите што ќе се реализираат на јазици на заедниците, Град Скопје ги поддржа со 25% од вкупно предвидените буџетски средства.
Од Град Скопје велат дека и оваа година е ставен акцент на поддршката на младински и на студентски проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

