Македонија
Граѓаните кои имаат сведоштва и докази за работењето на „Пулс“ да ги споделат со истрагата, повика Обвинителството

Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс“ од Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.
Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб-страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие може да се пријават за да достават податоци и информации, кои сметаат дека се релевантни за истрагата. Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: [email protected]
Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците на подносителите ќе им се јават од истражниот тим.
Обвинителството информира и дека обвинителскиот тим, кој постапува во предметот во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“, продолжува интензивно да презема дејства на распити и вештачења, од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекува во следните неколку дена.
Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од разни области.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Аеродром и Студеничани денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов крак – 5, општина Аеродром;
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на потегот од Китка кон Солунска Глава, вклучувајќи ги и викендиците на Китка и местата: Алдинци, Преслап, Палиград и Караџица, општина Студеничани.
Македонија
Променливо облачно и топло со сончеви периоди, попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со умерен југозападен ветер. Под влијание на нов влажен бран во деновите од викендот ќе има врнежи од дожд, локално во форма на невреме со пообилен дожд (над 30л/м2), проследен со грмежи и засилен ветер. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Tрајко Славески е предлогот на Сиљановска-Давкова за гувернер на Народна банка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка.
Од нејзиниот кабинет велат дека при носењето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
Се додава и дека изборот бил тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати.
Трајко Славески е актуелен претседавач со Советот на Град Скопје.