Македонија
Грковска: Важно е законот за потекло на имотот да биде прецизен и недвосмислен
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, присуствуваше на состанок на работната група, која работи на подготовка на новиот предлог-закон за потекло на имотот, кој се подготвува со поддршка на Делегацијата на Европската Унија и Советот на Европа.
Вицепремиерката Грковска истакна дека е многу важно да се подготви одржливо законско решение, кое ќе даде соодветни резултати и затоа мора да се има внимателен пристап и да се подготви законско решение, кое нема да остава простор за разна интерпретација.
„Сметам дека законот за потекло на имотот ќе даде сериозен придонес во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Добро е што во подготовката се вклучени експерти од сите области и што сите сме согласни дека до конечното решение мора да дојдеме преку еден сеопфатен и инклузивен процес. Важно е решенијата во законот да бидат прецизни, недвосмислени, да нема преклопување или контрадикторност со постојните законски решенија. Новата законска регулатива мора да биде применлива за да има големи ефекти во борбата против корупцијата“, оцени вицепремиерката Грковска.
На состанокот беше презентирана работната верзија на законското решение по што имаше дискусија за сите отворени прашања.
Свој придонес во процесот на подготовка дадоа и консултантите ангажирани од Советот на Европа, Мајкл Хопмиер и Лорна Харис.
Работната група за подготовка на законот за потекло на имотот ја координираат Советот на Европа и Кабинетот задолжен за политики за добро владеење, а е составена од претставници од Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Канцеларијата за поврат на имотот, Граѓанскиот суд, Државната комисија за спречување на корупцијата, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи и Државно правобранителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

