Македонија
Грковска: Владата со членството во GFCE – глобалниот форум за сајбер-експертиза – има силен сојузник во борбата со сајбер-нападите
Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, денеска имаше средба со амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Дирк Јан Коп, Воутер Венстра, претставник на Секретаријатот на GFCE, глобалниот форум за сајбер-експертиза, претставници на академската заедница и претставниците на некои институции во земјата. На средбата се разговараше за потребата од заеднички координиран пристап во борбата со сајбер-нападите и зголемување на сајбер-безбедноста преку споделување експертски знаења и искуства од оваа област.
„Со големо задоволство сакам да ве информирам дека Владата на Република Северна Македонија во ноември минатата година стана 103. членка на глобалниот форум за сајбер-експертиза. GFCE е една од најголемите експертски мрежи во светот, која им помага на владите и на приватниот сектор во градењето силна одбранбена сајбер-инфраструктура и зајакнување на својот капацитет со цел одбрана од сајбер-нападите, кои денска се еден од најголемите закани за безбедноста на демократијата во светот, кои секојдневно им нанесуваат сериозни штети на владите и институциите, но и на приватниот сектор и на граѓаните. Затоа, Владата е вистински посветена на оваа многу важна тема, секојдневно правиме напори да ги засилиме капацитетите на државата во одбраната од сајбер-нападите, со настојување да изградиме силен и одржлив систем, коj ќе ги штити државните ИТ-системи, но ќе ги штити и компаниите и самите граѓани“, потенцира вицепремиерката во своето обраќање.
Амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Македонија, Дирк Јан Коп, потенцира дека од клучно значење е сјабер-отпорноста на Северна Македонија, како и соработката со меѓународните партнери како GFCE – глобалниот форум за сајбер-експертиза. Посочи дека состојбите што се случуваат во светот на политичката сцена треба да ги поттикнат земјите од Западен Балкан да ги подигнат мерките за претпазливост од сајбер-нападите.
Воутер Венстра, претставник на Секретаријатот на GFCE, глобалниот форум за сајбер-експертиза, на настанот имаше можност да ја презентира работата на GFCE, темите на кои работат и нивната понуда за соработка со цел избирање на најдобриот модел за идна соработка со оваа мрежа.
На состанокот свое учество имаа и академската заедница во Северна Македонија и институциите што работат на оваа проблематика во нашата земја, со цел нивно вклучување во работата на овој меѓународен форум, споделувајќи ги искуствата и преземањето идни заеднички чекори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Лицата кои повикуваа на тепање и убивање на протестите против „Безбеден град’’, активно вклучени во кампањата на СДС и Спасовски
Лицата кои деновиве повикаа на тепање и убивање на полициски службеници, поради желбата да возат без возачки дозволи, поради проектот „Безбеден град’’, биле активно вклучени во кампањата на Оливер Спасовски, што може да се види на фотографијата на екранот, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицата кои јавно се спротивставија на проектот „Безбеден град’’, во изминатите денови излегоа на протести, кои беа насочени против мерки кои имаат за цел да спречат возење без возачка дозвола, без регистрација и без одговорност.
СДС и Спасовски, да потсетиме за јавноста, гласаа против имплементација на проектот „Безбеден град’’ во Собранието.
Замислете, ексминистер за внатрешни работи, кој не направил буквално ништо во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, гласаше против“.
Јавно ги прашуваме СДС и Оливер Спасовски, рече Петрушевски, дали ќе се дистанцираат и оградат од овие протести и од лицата кои повикуваа на јавен линч, и дали сметаат дека е прифатливо да се протестира против сообраќаен ред, закон и безбедност.
„СДС и Оливер Спасовски мора да дадат одговори на јавноста затоа што, за време на протестите беа забележани закани со насилство и убиство, и ова е повеќе од алармантно.
Ваквото однесување е недозволиво во демократско општество и затоа ги повикуваме сите надлежни институции да постапат без селекција и без двојни аршини, строго согласно закон, и да обезбедат одговорност за сите кои испраќаат закани за насилство“.
СДС и Оливер Спасовски, додаде тој, повторно се обидуваат да направат саботажа на се што е добро и е од интерес за граѓаните.
Според него, целта на ,,Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Секој оној кој се залага за безбедност и ред во сообраќајот го поддржува овој проект.
Македонија
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци, бараат надлежните да извршат проверка на мобилен телефон
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци преку Вибер комуникација од затворот.
„Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј. кое издржува притвор во затворот во Скопје му дава на користење мобилен телефон на Тодор Јованов, братот на монструмот, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на обвинителството. Ги повикуваме надлежните да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон“, изјави мајката на едно од загинатите лица.
Таа кажа дека се случил геноцид на млада генерација поради алчност, корумпираност и несовесно работење и вели дека пак се продолжува да се работи во таа насока.
„Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овој пат вистината да остане скриена“, рече таа.
Македонија
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Исполнуваме уште едно ветување од мојата изборна програма. Младите добиваат 10.000 денари за полагање возачки испит. Објавен е јавен повик за субвенционирање на младите за полагање на возачки испит – конкретна мерка, реална поддршка, јасна порака: младите се наш приоритет“, вели Стефковски.
На огласот може да аплицираат млади од 18 до 25 години и жители на Општина Гази Баба. Треба да поднесат барање во Архивата на Општината и да направат уплата во регистрирана авто школа.
Потребна документација:копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; фоказ за извршена уплата (оригинал); тековна состојба на авто школата (не постара од 2 месеци).

