Македонија
Грковска: Инклузијата во спортот ја помага и инклузијата во општеството
„Овозможувањето спорт за сите преку отстранување на архитектонските и други видливи и невидливи бариери и инвестирање во опрема и посебни програми не е само начин да се подобрат животот и благосостојбата на луѓето со попреченост туку и начин како општеството да станува подобро и поправедно“, истакна заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на отворањето на првиот инклузивен спортски саем „Спорт за сите“.
Овој настан се организира на иницијатива на вицепремиерката Грковска, а е поттикнат од минатогодишната евалуацијата на EPAS (Enlarged Partial Agreement on Sport), тело на Советот на Европа, кое претставува платформа за меѓувладина соработка на земјите членки на полето на спортот. Потребата да се унапреди инклузијата во спортот беше една од главните забелешки на EPAS, чија евалуација опфати 40 институции и спортски организации.
„Почитувањето на начелата ‘Никој да не биде изоставен’ и ‘Ништо за нас без нас’ треба да се водилки и во сите други области. Бидејќи само со целосно почитување на човековите права и со широка вклученост на засегнатите страни кога се носат и спроведуваат мерки и политики, можеме да изградиме одржлив систем на добро управување, кој ќе функционира во интерес на сите граѓани“, изјави вицепремиерката Грковска и ги охрабри присутните спортисти и спортски работници да се вклучат со свои коментари во подготовката на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030, која во моментот е поставена на ЕНЕР.
Саемот се одржа во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации и во партнерство со националните сојузи и организации на лица со попреченост.
„Лицата со попреченост многу често се соочуваат со бариери во секојдневниот живот и, за жал, оваа целна група е генерално исклучена од речиси сите социо-економски текови. Во таа смисла спортот претставува идеална средина, каде што тие може на еднаква основа со сите да се занимаваат со спортски активности, без разлика дали се соочуваат со одредена попреченост или не. За да го засили позитивното влијание на спортот, а во насока на промовирање и на целите за одржлив развој, УНДП во своите проектни активности е партнер со националните институции, спортските асоцијации и клубови за да обезбеди можности сите лица да се вклучат во одредена физичка активност на еднаква основа со сите“, потенцира Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
Целта на настанот е да се поддржат отворените дискусии меѓу Владата и организациите на лицата со попреченост за пристапот до спортот на професионално и рекреативно ниво на еднакви основи како и другите. Во таа насока со свои излагања се вклучија и министрите за образование и локална самоуправа, Јетон Шаќири и Ристо Пенов, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, и Бранимир Јовановски, претседател на Параолимпискиот комитет на Република Северна Македонија. На саемот беа презентирани можностите за активно спортување на лицата со попреченост во неколку спортски федерации и спортски клубови. Учесниците ги споделија предизвиците со кои се соочуваат во своето работење, како и своите идеи за создавање услови за учество во спортот за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

