Македонија
Грковска на средба со претставниците од Американската стопанска комора: Дигиталната трансформација на општеството е многу важна за нашата држава
Славица Грковска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, денеска имаше работна средба со делегација на Американската стопанска комора (АмЧам), составена од Јелена Арсовска, извршен директор, Андреј Петрески, претседател на Комитетот за дигитална трансформација, Гоце Митевски и Димитар Јаневски, членови на Комитетот, како и Јордан Димитровски, член на Одборот на директорите на АмЧам, на која разговараа за продлабочување на меѓусебната соработка, особено во делот на процесот на дигиталната трансформација на општеството.
Вицепремиерката Грковска информирала за тековните проекти поврзани со дигиталната трансформација на општеството, кои се спроведуваат во нашата држава, но и проектите што треба да се реализираат, со цел да се обезбеди оптимизација на процесите и нивно дигитализирање.
Нагласила дека многу е важно да се направи и стандардизација на процесите за да се овозможи ефикасен и координиран пристап, кој ќе даде брзи резултати.
На средбата како приоритети при процесот на дигиталната трансформација биле истакнати сајбер-безбедноста, стандардизација на процесите за дигиталната размена на документите меѓу институциите, законот за архивско работење, со кој ќе се стандардизираат процесите за архивирање на дигиталните документи, а посебен акцент беше ставен и на ИКТ-инженерите и изнаоѓање соодветен модел, кој ќе овозможи нивно задржување во системот.
Претставниците на Американската стопанска комора изразија подготвеност за соработка и оценија дека дигиталната трансформација на општеството е многу важна за нашата држава и затоа е потребно да се има структуриран пристап.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОБСЕ ќе помогне за ефикасно враќање на нелегално стекнат имот
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска имаше средба со делегација на ОБСЕ од Одделението за организираниот транснационален криминал и корупцијата, предводена од проектниот офицер, Мерима Абдиќ, на која беше разговарано за спроведување на проектот за зајакнување на напорите за поврат на имот во регионот на ОБСЕ.
Абдиќ го презентираше проектот и подвлече дека борбата против корупцијата останува приоритет на ОБСЕ, како и на главните поддржувачи на проектот, САД и ЕУ. Таа изрази подготвеност преку проектот да споделат искуства за менаџирањето со запленетиот имот и повторената општествена пренамена на имотот.
Заменик претседателот на Владата, Фетаи информираше за неговата улога како претседавач на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата истакнувајќи го залагањето за брзото донесување на новата стратегија за конфискација на имот, која е во владина процедура.
Посебен акцент беше дадено на поддршката на ОБСЕ на институциите одговорни за примената на стратегијата како и на унапредување и повторена општествена пренамена на средствата стекнати од продажбата на запленетиот имот.
Македонија
Божиновска-Агелер: Силно партнерство со САД, разговори за енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
Средбата, како дел од континуираниот дијалог меѓу министерството и амбасадата, се фокусираше на зајакнување на соработката во областа на енергетиката, вклучително енергетската транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и поддршката за обновливи извори на енергија.
Божиновска ја истакна важноста на поддршката од Соединетите Американски Држави во справувањето со енергетските предизвици. Таа потенцираше дека односите меѓу двете земји се градат на цврсти основи на партнерство и меѓусебна доверба.
Амбасадорката Агелер ја потврди заложбата на САД за понатамошно зајакнување на енергетската безбедност и стабилност во регионот, нагласувајќи ја подготвеноста за поддршка на иницијативи кои ќе придонесат за одржлив развој.
Средбата заврши со договор за продолжување на редовната комуникација, со цел реализација на поставените приоритети и дополнително унапредување на билатералната соработка.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на промоција на проекти кои ќе ја забрзаат енергетската транзиција и ќе обезбедат долгорочна стабилност за граѓаните и економијата, соопштија од таму.
Македонија
Магла на Ѓавато, Пресека, Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 100 метри има на планинските превои Ѓавато и Пресека и во Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.