Македонија
Грковска: Не може да не преземаме ништо кога САД санкционира лица заради вмешаност во корупција и криминал во нашата земја
Во рамки на работната посета на САД, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, учествуваше на јавна дискусија на универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон со Едвард Џозеф, експерт за Балканот и виш соработник на Институтот за надворешна политика на овој Универзитет.
Во дискусијата на тема „Зошто е толку тешка борбата со корупцијата во мојата земја“, вицепремиерката Грковска се осврна на бројните предизвици со кои се соочува Северна Македонија на ова поле, како и на напорите и политиките кои се преземаат за јакнење на антикорупциските механизми.
Коментирајќи ја нејзината иницијатива за измени на Законот за рестриктивни мерки во насока на проширување на основите за изрекување на мерки, вицепремиерката истакна: „И покрај гласноста на одредени поединци, уверена сум дека не може да биде неуставно доколку некој сака да дефинира постапка, уредена во закон, за да може надлежните институции да постапуваат и да отворат предмети за лица кои се на црна листа во САД“. Таа додаде дека како држава, не може да го игнорираме фактот и да не преземаме ништо кога САД, како наш најголем сојузник и партнер, санкционира лица заради вмешаност во корупција и организиран криминал во нашата земја.
Грковска истакна дека е илустративен примерот со поранешниот премиер Груевски, кој сѐ уште е бегалец од правдата, и кој исто така ги нападна обидите за зајакнување на правните антикорупциски механизми наведувајќи дека го загрозуваат суверенитетот на државата. „Токму тие кои го разбираат суверенитетот како поле за суверено ограбување на сопствениот народ се најголемиот проблем“, истакна Грковска.
Во однос на ниската доверба во правосудниот систем, како најслаба алка во справувањето со корупцијата, вицепремиерката истакна: „Ни требаат храбри луѓе и затоа, доколку некој не се чувствува доволно храбар и подготвен да се соочи со тој предизвик, да застане лице во лице со корупцијата, воопшто не треба да се пријавува во Академијата за судии и јавни обвинители“ и додаде дека се потребни луѓе кои дејствуваат со интегритет, професионалност и одговорност на сите нивоа во општеството.
Експертот за надворешна политика, Едвард Џозеф, кој како познавач на состојбите на Балканот ја иницираше денешната дискусија, ја оцени како „ендемска“ корупцијата во Северна Македонија и истакна дека таа го попречува економскиот напредок на земјата и го дестабилизира политичкиот и општествениот живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

