Македонија
Грковска: Поддршката што ја добиваме од Шведска на нашиот евроинтеграциски пат е многу значајна
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Кралството Шведска во земјата Ами Ларсон Џеин.
Грковска на амбасадорката Ларсон Џеин ѝ посака топло добредојде и успешно извршување на мисијата. Грковска изрази верување дека во наредниот период ќе се продлабочи добрата и интензивна соработка меѓу Македонија и Шведска.
„Кралството Шведска ќе претседава со Советот на Европската Унија во првата половина на 2023 година и убедена сум дека Северна Македонија ќе има силен пријател и поддржувач нашиот интегративен процес да продолжи со несмалено темпо. Отворањето на пристапните преговори со Европската Унија е од клучно значење за забрзување на реформската агенда во земјава“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Амбасадорката Ларсон Џеин рече дека двете земји имаат билатерална соработка во многу области од заеднички интерес, како што се демократијата, родовата еднаквост и животната средина. Таа нагласи дека неодамна е усвоена Стратегијата на Шведска за Западен Балкан и за Турција, во рамките на која за нашата земја ќе бидат одвоени шест милиони евра.
Вицепремиерката Грковска истакна дека, во процесот на скринингот и почетокот на пристапните преговори со ЕУ, за нас е многу важна експертската поддршка од Шведска и нејзиното искуство во градењето силни демократски и отчетни институции.
Двете соговорнички се согласија дека е добро меѓусебната соработка да ја продлабочат во делот на унапредување на транспарентноста на институциите, но и за поблиска соработка со младите кои се клучни за развојот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП на највисокиот европски самит на даночни администрации – ТАДЕУС
Во рамки на заложбите за унапредување на учеството на Управата за јавни приходи на меѓународно ниво, директорката на УЈП м-р Елена Петрова, заедно со помошник директорката Тања Анчевска, учествуваа на ЕУ Самитот на даночни администрации ТАДЕУС, организиран од Европската комисија и Данската даночна агенција.
На настанот се собраа шефовите на даночните администрации од земјите членки на ЕУ и други земји кандидати за членство во ЕУ. Главна тема на самитот беше градењето робустни даночни администрации во светот што се менува, со акцент на новиот пејсаж на ризици, како сајбер и хибридни напади, природни катастрофи, пандемии и други вонредни настани како војни и сл., кои произлегуваат од експанзијата на технологии, глобалната поврзаност, климатските промени, геополитичките состојби и др. Собирањето на даночните приходи е круцијално за добросостојбата на општеството, а даночните администрации треба да бидат отпорни и прилагодливи на сите состојби за да ја остваруваат без прекин својата функција за собирање на приходите и одржување на буџетската ликвидност.

Во своето обраќање директорката нагласи дека еден од главните предизвици на УЈП е дигиталната трансформација која не може да се одвои од прашањето за заштита на податоците, човечките и материјалните ресурси од уништување, злоупотреби и сл. Покрај глобалните предизвици, УЈП има и специфични ризици поврзани со општествено-политичкиот и економскиот контекст во земјата. Сериозни ризици, нагласи директорката, носи сивата економија која вклучува и прекугранични трансакции и онлајн активности, што бара засилена меѓународна соработка, размена на податоци и административна помош меѓу земјите.
Присуството на УЈП на овој самит има големо значење, не само потврдувајќи ја посветеноста на УЈП за унапредување на регионалната и меѓународната соработка, туку и овозможувајќи активно учество на УЈП во воспоставувањето глобални стандарди и практики на даночната администрација. Така УЈП станува рамноправен фактор во мрежата на даночни администрации кои се соочуваат со заеднички предизвици и бараат иновативни решенија за одржливост и континуитет во време на промени.
Македонија
„Со робусно ‘извештајче’ Европа прати јасен сигнал дека Владата е неспособна и антиевропска“, велат од СДСМ
„ВМРО-ДПМНЕ покажува ароганција зад која се крие неуспешен обид да го омаловажи Извештајот на ЕК затоа што е најреалниот доказ за неспособноста на владата на Мицкоски“, велат од СДСМ.
„ЕК дава јасни, детални и објективни оценки во кои е содржана најреалната слика за тоа каде ја доведе Македонија власта на Христијан Мицкоски: во застој, назадување и целосна институционална парализа.
Ова е најлошиот извештај за Македонија во последните десет години. Македонија нема напредок во ниту една област, реформите се блокирани, а владата нема волја, ниту капацитет да ја сработи работата што е во интерес на граѓаните и на државата.
Драстично е назадувањето во владеењето на правото и правдата, со оценка „единица“ во поглавјето 24, најлоша досега.
Судството е под политички притисоци, реформите се во застој, антикорупциските механизми не функционираат, јавната администрација е нефункционална, а 60% од законите се носат набрзина, без дебата и без транспарентност.
Во економијата и земјоделството има стагнација и слабости во јавните инвестиции, доцнења со поврат на ДДВ, а во образованието и младинските политики резултатите се поразителни, државата бележи пад и под просекот на ЕУ.
Дека реформите не се приторитет за власта покажува фактот што нема пари ниту предвиден буџет за спроведување на Планот за раст, што значи дека владата на Мицкоски нема капацитет.
Со робусно „извештајче“ Европа прати јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска. ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на прашањето: зошто државата назадува во секоја област“, прашува СДСМ преку писменото соопштение.
Македонија
Директорот на Царината за извештајот на ЕК: Нотиран висок напредок во областа Царинска унија
Високо ниво на напредок во областа Царинска унија со која раководи Царинска управа, е нотирано во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.
„Високото ниво на напредок, нотирано од Европската комисија, е уште еден цврст доказ дека Царинската управа спроведува значителни реформски мерки и политики коишто треба да овозможат забрзување на интеграцијата на нашата држава во единствениот пазар на ЕУ“, вели директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Во извештајот на ЕК се нотира зголемената наплата на приходи на Царинската управа. Вкупните приходи во 2024 година се за 6,3 проценти повисоки споредбено со 2023 година, надминувајќи две милијарди евра.
Во делот на оперативни и административни капацитети се истакнува новата Стратегија за развој на Царинската управа 2025 – 2027, со особен акцент на воспоставениот сеопфатен разузнавачки систем.
Притоа во извештајот е забележан и зголемениот број на случаи на заплени.
Особено е потенциран напредокот во усогласување на ИКТ системите и нивно унапредување – новиот компјутеризиран транзитен систем фаза 5 кој е завршен и пуштен во употреба во јануари годинава, како и развој на системот за регистрација и идентификација на економските оператори ЕОРИ и унифицирано управување со корисници и дигитален потпис.
Во делот на законодавството, Комисијата нотира високо ниво на усогласеност на Царинското законодавство со правото на ЕУ. Ратификуван е Протоколот за елиминација на нелегалната трговија со тутунски производи од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутун, при што како што подвлекува Комисијата, државата има важна обврска во борбата против царински измами, особено во спречување шверц на тутунски производи.
Во борбата со корупција, како еден од главните приоритети на Царинската управа, во извештајот е истакната усвоената Стратегија за интегритет и борба против корупција за периодот 2024-2027, која вклучува 22 таргетирани мерки за спречување корупција.
Во делот на заштита на правата од интелектуална сопственост особено се потенцирани резултатите на Царинската управа. Притоа Европската комисија наведува дека во 2024 година во 73 случаи запленети се 147.525 стоки поради сомневање за повреда на правата од интелектуална сопственост.
Во областа на добрососедски односи и регионална соработка во извештајот на ЕК е истакнат потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Царинските управи на Македонија и Црна Гора, чија цел е подобрување на ефикасноста на царинските контроли и спречување на царинска измама, како и забрзување на легалната трговија меѓу двете земји.

