Македонија
Грковска: Преку Стратешкиот дијалог ги подигнуваме односите со САД на повисоко ниво
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска синоќа, преку конференциска врска, учествуваше на првиот Стратешки дијалог помеѓу Северна Македонија и САД, на панелот посветен на „Владеење на правото и добро владеење“, што се одржа во просториите на Стејт департментот во Вашингтон.
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите со САД на повисоко ниво, што е особено значајно на полето на доброто владеење. Нагласи дека соработката меѓу двете земји е суштинска и опфаќа широк спектар на прашања кои се од национален интерес и имаат за цел да го подобрат животот на граѓаните на Северна Македонија.
Пред присутните на конференција Грковска информираше дека во фокусот на нејзиниот кабинет се трите столба: дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и развивање на антикорупциски политики.
„Владата на Северна Македонија е посветена да изгради општество со професионални, ефикасни, транспарентни и одговорни институции, насочени кон обезбедување подобри услуги за граѓаните“, истакна Грковска.
Вицепремиерката наведе дека со поддршка на САД и во партнерство со експерти од Естонија интензивно се работи на дигиталната трансформација на општеството со цел услугите што државата им ги дава на граѓаните да бидат достапни дигитално, да бидат брзи, ефикасни и точни. Во таа насока веќе е почнат и процесот на воведување електронска лична карта, што е клучен чекор за дигитална трансформација на општеството.
„Сакам особено да им се заблагодарам на Амбасадата на САД во Северна Македонија и на тимот на УСАИД во Скопје за нивната досегашна поддршка. Претстојат многу работа и многу предизвици, но уверена сум дека со силно партнерство меѓу нашите две влади ќе постигнеме резултати и одржливи решенија, на кои ќе бидеме горди“, порача Грковска пред присутните на конференцијата.
Вицепремиерката Грковска се осврна и на Самитот за демократија, што и оваа година ќе се одржи под покровителство на претседателот Бајден, и нагласи дека Република Северна Македонија останува посветена на заложбите за заедничко спротивставување на авторитарните режими, како и на удвојување на напорите против корупцијата и заштита на човековите права и слободи, преку градење отпорни и ефикасни институции.
„На претстојниот Самит Северна Македонија ќе претстави конкретни цели, фокусирани на позитивни институционални реформи, дигитална трансформација на општеството, како и континуирана заложба за спротивставување на авторитаризмот во Европа“, нагласи Грковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

