Македонија
Груби-Линхарт: Северна Македонија заслужува отварање на преговорите со ЕУ
Првиот вицепремиер на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, оствари средба со сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Михаел Линхарт.
Двајцата соговорници заклучија дека билатералните односи се одлични во сите области и дека во овој дух ќе продолжат и во иднина.
Груби, го информираше австрискиот министер Линхарт за политичката состојба во земјата, реформите што Владата ги презема на патот кон интеграцијата во Европската Унија, реформите во правосудниот систем, администрацијата и во други области.
Груби на средбата потенцираше дека на земјата и е потребна стабилна, проевропска Влада која ќе ги спроведува Охридскиот договор, Преспанскиот Договор, Договорот за Добрососедство со Бугарија, и ќе реализира капитални проекти кои ќе го подобрат животниот стандард.
Првиот вицепремиер му кажа на Линхарт дека се надева Северна Македонија да постигне договор со Бугарија и на 14 Декември на Самитот на Европската Комисија да добие зелено светло за почеток на преговорите.
Груби истотака му се заблагодари на сојузниот министер за европски и меѓународни прашања на Република Австрија, Михаел Линхарт, за континуираната поддршка што Австрија и ја дава на Република Северна Македонија за интеграцијата на земјата и спроведувањето на внатрешните реформи.
Во меѓувреме, австрискиот министер Линхарт ја потврди поддршката на неговата земја за почеток на преговорите на РСМ со Европската Унија, нагласувајќи дека интеграцијата на Западниот Балкан во европското семејство е повеќе од потребна бидејќи всушност овој регион и припаѓа на Европа.
Линхарт му порача на Груби дека Австрија ќе продолжи да биде посветена за Северна Македонија што е можно поскоро да ги отпочне преговорите, не само поради фактот дека овој регион ќе претставува економско богатство за ЕУ, туку и поради фактот дека тој е важен дел за уште помоќна Европа.
На крајот од оваа средба, првиот вицепремиер Груби и австрискиот министер Линхарт истакнаа дека Северна Македонија и Австрија имаат добра соработка на полето на економијата, при што во Република Северна Македонија веќе функционираат десетици компании со австриски капитал, што претставува јасен показател за продлабочување на оваа соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

